Пратениците утре ќе расправаат за доверба на Владата, за реформските закони в четврток

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за утре во 11 часот ја закажа седницата за доверба на Владата, побарана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Џафери за четврток, пак, ги одложи продолженијата на три седници, што беа планирани за денеска, а на кои како останати точки од дневниот ред се реформските закони.

Во известувањето од Собранието стои дека 22-та, 34-та и 35-та седница наместо денеска ќе продолжат во четврток на 12 април во 11:00 часот.

На 22. седница се измените и дополнувањата на законот за Заштита на сведоци, по скратена постапка, на 34-та е дополнувањето на Законот за судовите, во второ читање, а на 35-та се дополнувањата на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, во второ читање.

Во четврток се очекува да биде закажана уште една седница на која ќе се гласаат и законите за следење на комуникациите, што денеска треба да поминат на Комисијата за одбрана и безбедност.

На продолженијата на седниците во четврток се очекува да присуствуваат и пратениците од опозициската партија, кои најавија дека ќе учествуваат во работата на Собранието по седницата за интерпелација на Владата.

Реформските закони, кои се усогласени и со опозицијата, треба да бидат донесени до крајот на неделата, пред објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на земјата на 17 април.