Царовска: Продолженото породилното може да го намали бројот на вработени жени

Граѓанската иницијатива за продолжување на породилното од девет на 18 месеци доби зелено светло од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Иницијативата е прифатена со едногласна одлука од сите членови на комисијата, откако претходно беше одбиена од второстепената комисија, поради грешка во насловот на предлог-законот.

Претставничката на иницијативата, Снежана Кузмановска, се надева дека предлог-законот ќе биде изгласан и на пленарна седница.

Претседателот на комисијата, Александар Кирацовски вели дека едногласно е прифатен предлогот, кој ќе биде доставен до канцеларијата на претседателот на Собранието.

Иако сите пратеници дадоа поддршка на иницијативата, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, вели дека продолжувањето на породилното отсуство може да го намали и така малиот број на вработени жени.

Преку потпишаната иницијатива од 242 граѓани, се бара породилното да биде продолжено од 9 до 18 месеци. Пред иницијативата да премине во собраниска процедура, треба да помине и во Законодавно-правната комисија.