Неколкуминутен аплауз на свечениот собир го дочека академик Ѓорѓи Филиповски, единствениот жив од тројцата основачи на МАНУ, кому вчера во институцијата му се славеше стотиот роденден.

Салата беше преполна со ректори, проректори, академици, професори и научни соработници со подароци в рака, кои му посакаа добро здравје во, како што рекоа, првата деценија од вториот век.

Филиповски, заедно со Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ, беше тројката на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ. Институцијата е основана на 23 февруари 1967, а прв претседател бил Конески.

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, кој му подари мозаик од академик Газанфер Бајрам, рече дека Филиповски е жива легенда, икона и историја на македонската наука и образование, и дека неговите дела се сведоштво и драгоцени записи за развојот на науката.

Иако зачекори во вториот век од својот живот, академик Филиповски е витален, работи во својата градина и постојано пешачи. Овој пат не беше изненадување дека говори без подготвен говор, како што тоа го направи и пред две години на педесетгодишнината од основањето на МАНУ.

„Често ме прашуваат во што е тајната на долгиот живот. Јас не сум стручњак за тоа, но еве ќе ви го кажам моето искуство. Пешачам, многу ги сакам планините, си го уредувам дворот. Порано имав и кајче, но ми го украдоа, па сега само пливам. Не живеам со гнев и инает. Мозокот е орган како и секој друг и ако не се одржува ќе закржлави. Јас секој ден читам“, рече академик Филиповски.

Заблагодарувајќи му се на своето семејство, тој кажа дека неговата сопруга починала пред две години и дека му била десна рака во пишувањето на сите трудови.

„Жалам што само јас останав од првиот состав од МАНУ. Јас сум најстар академик, вториот е шест години помлад од мене, а третиот 11 години. Им посакувам да сторат гајрет, да ме стигнат и надминат“, кажа академик Филиповски.

Академик Филиповски важи за основоположник на современите педолошки истражувања во земјава. Неговите најзначајни активности од наставно-научната и општествена дејност се и сведоштво за почетоците на формирањето на првите високообразовни институции во земјава како Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Земјоделско-шумарскиот факултет, МАНУ.

Роден е на 6 мај во 1919 година, во село Сорович, Леринско, егејскиот дел на Македонија. Основно училиште и гимназија завршува во Битола. Студира агрономија во Земун (1937-1941) и дипломира во Софија (1942), каде што останува до 1944 како асистент по педологија. Објавил над 200 научни трудови и 19 монографии во наши и странски списанија. Негово капитално дело е „Почвите на Република Македонија“ во 6 тома во издание на МАНУ. Како експерт на ФАО бил во повеќе земји на Југоисточна Европа во врска со составувањето на педолошки карти, a како експерт на нашата земја престојувал во Египет во врска со користењето на водите од Асуанската брана за мелиорација на солените почви. (Б.Б.)

loading…