Над 1000 учесници од Мексико, Индија, Русија, Италија, Белгија, Израел преку ора и танци ќе ја прикажат народната културна традиција на ансамбли на овогодинешното 49-то издание на интернационалниот фестивал Илинденски денови. Настанот ќе се одржи на различни локации во Битола од 27 до 31 јули, во организација на НУ Центар за култура Битола.

„Фестивалските денови ќе почнат со претпрограма, ретроспективна изложба „60 години творештво на Панде Петровски“, а ќе го завршиме со концерт на музичарите кои негуваат фолклорни елементи во нивната музика, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ“ истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на Центарот за култура Битола.

Фестивалот претставува столб за чување на автентичната и народната култура на Балканот и во светот.

„Илинденски денови се единствениот македонски фестивал на картата на светските фестивали со сертификат на CIOFF. И оваа година на фестивалот ќе бидат презентирани автентични и изворни македонски вредности за што ќе се погрижат 30 фолклорни ансамбли од државата, но и од странство, кои ќе пренесат пораки за мир, соживот, развој и чување на автентичната култура“ рече Валентин Соколевски, селекторот на фестивалот.

Илинденски денови се одржува под покровителство на Собранието на Северна Македонија и со поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.