Кога се зборува за музејот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, иако она што „мора да се види“ се уметничките слики, бидејќи ги има од сите светски звучни сликарски имиња, она што останува во меморијата се бројните сали за разни приеми и свечености и одаите во кои се одвивал приватниот живот на Катерина Велика, најпознатата руска царица.

Се разбира, тука живееле и другите руски императори чија официјална резиденција и центар на културниот и политички живот била Зимската палата изградена од Петар Велики – денес една од шесте згради на музејот. Речиси и да нема стил и раскош од тој период што не може да се види во, колку што се знае официјално, илјада и петстотините простории на комплексот, во кој за да се снајдете треба сериозна подготовка однапред, а нема шанси сè да се види во еден ден.


Од самиот влез „Ермитаж“ блеска во златен ентериер, а такви се повеќето свечени сали кои требало да ја покажат моќта, физичка и финансиска, на тогашната империја. За „Ермитаж“ важи дека е втор најголем музеј на светот со најголема колекција на слики – околу четири илјади, меѓу кои на Леонардо да Винчи, Рубенс, Гоја, Матис, Тицијан, Рембрант, Ел Греко, Пикасо, Веласкез и многу други, при што Катерина Велика, како голем патрон на уметноста, купила дури 600 слики само од еден автор.

Најимпресивен е, сепак, сребрениот масивен ковчег на Александар Невски, војсководецот што жителите тука го сметаат за најголем Русин во историјата. Музејот има дел со оружје и со кочии, но има и дел со дијаманти и други скапоцености и накит, кој е отворен само за групни посети.

Може да ја видите библиотеката на руските цареви, нивните лични портрети, нивните дневни и работни соби, но и да сретнете некоја мачка од повеќето што се официјални жители на музејот со векови, за да го заштитат од глувци, а за кои се грижи специјален персонал.

Влезот во „Ермитаж“ е влез во четири века старата историја на Русија и нејзините златни времиња, а како изгледа тоа, може да се види прилично реалистично и со виртуелната тура на веб-страницата на музејот.