Под мотото „Ова е наше време: Време за театар“ од денес до 15 јуни во Прилеп ќе се одржува 54. македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Според организаторите, фестивалот успеа на едно место да ја собере најдобрата македонска театарска продукција докажувајќи дека низ секое време македонскиот театар ги живее своите најдобри години.

„Но оваа година ‘Чернодрински’ ќе се спротивстави на носталгичните ставови за подобрите времиња со цел да го потврди квалитетот на сегашноста. Ќе се инспирираме од минатото за да создаваме денес имајќи цврста визија за иднината“, се вели во најавата на фестивалот, кој ќе биде отворен на 7 јуни во 20 часот.

Оваа година во официјална конкуренција ќе бидат изведени претставите „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ од МНТ, „Странци“ на Нела Витошевиќ од Драмски театар Скопје, потоа „На отворено“ од режисерот Андреј Цветановски на Театар Комедија, „Смртта на Дантон“- Дино Мустафиќ на Албанскиот театар, „Физика на тагата“ – Милош Андоновски од Кумановскиот театар, „Бакхи – краток преглед на распадот“ во режија на Игор Вук Торбица на Битолскиот театар, исто така „Животинска фарма“ на Љупчо Ѓоргиевски на Струмичкиот театар и „Пиреј“ од режисерот Љупчо Ѓоргиевски на театарот домаќин „Војдан Чернодрински“.

„Се надеваме дека прашањето за тоа кое е навистина нашето време ќе биде провокација да дејствувате или пак будно да следите, да се приклучите во нашата театарска авантура која ги редефинира просторот и времето. Ова е наше време! Време за театар“, велат организаторите.

Наградите за животно дело годинава одат кај режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку. Фестивалот со театарска музика ќе го отвори Влатко Стефановски.