УНЕСКО не побарала уривање на дивоградбите кои се во заштитениот појас, а споредградоначалникот Константин Георгиески прво мора да се утврди колку од 409 – те дивоградби ја загрозуваат животната средина, па да се донесе одлука кои објекти ќе бидат урнати.

УНЕСКО не бара од нас да урнеме 400 дивоградби бидејќи е тоа невозможно. УНЕСКО бара од нас да извршиме евалуација на влијанието на животната средина на тие објекти кои се во заштитениот појас и тие да ги отстраниме. Мое мислење е дека такви објекти нема повеќе од прстите на двете раце, кога зборуваме за големи објекти – рече Константин Георгески, градоначалник на Охрид, пренесува Алсат М.

Локалната власт тврди дека без отстапки кон никого, ќе ги урне сите нелегално изградени објекти, а кои влијаат врз животната средина. Според регистарот кој неодамна го објави општината во заштитената зона на крајбрежјето на Охридското Езеро, стариот дел на градот и во Националниот парк Галичица има 409 нелегални градби. Од тоа 82 се опрема, 16 времени објекти, 8 плажи, 80 куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите имаат помали интервенции и градежни зафати на објекти. Георгиески побара помош од државата за да се среди работата.

Секој објект кој ќе има решение за отстранување ќе биде отстранет. Вие мислите дека општината е способна да се справи, со еден градежен инспектор и со тендер од милион и пол денари за отстранување на бесправно изградени објекти? Охрид не е само за охриѓани. Државата треба да се погрижи за доведување на ред на состојбите кои се години наназад извадени од колосек – додава Георгески.

Од општината информираат дека минатата недела е распишала тендер за избор на фирма за уривање. Додаваат дека во извештајот на УНЕСКО стоело дека и општина Струга треба да постапи соодветно на својата територија, бидејќи под заштита е целиот регион.

Минатата недела УНЕСКО ѝ даде рок на Македонија до февруари 2020 година да одговори позитивно на сите 19 забелешки и да постапи по големиот број на дивоградби. Потоа, на следната 44 сесија ќе се оцени едногодишниот напредок од што ќе зависи дали езерото ќе остане под заштита на оваа меѓународна организација.

На денешната прес-конференција градоначалникот Георгиески појасни дека УНЕСКО се задоволни од напорите на Општината и на Владата по повеќе препораки.

– Остануваме отворени за сите политички и општествени чинители во градот и во државата. Нудиме соработка на експертската јавност, граѓанскиот сектор и медиумите. Но, за да имаме одржливи решенија, неопходно е партнерство со граѓаните на Охрид. Во таа насока, ја најавувам следната активност уште утре, активност според препорака број 18: Во големата општинска сала ги повикуваме жителите на Стар град од 20 часот на средба на која ќе се презентира моделот за регулирање на сообраќајот во истиот. Дополнително ќе печатиме материјали и ќе користиме и други канали за комуникација со цел да ја зголемиме информираноста кај граѓаните и да ја зајакнеме свеста за мерките кои ги преземаме, објасни Георгиески, и потенцираше дека целокупниот процес за исполнување на препораките од УНЕСКО нема да се случи преку ноќ и нема да биде едноставен.