Легендарниот фронтмен на „Мизар“, Горан Таневски, утре ќе одржи концерт во Младински културен центар во Скопје, што го најави како одбележување на 35 години присуство на музичката сцена. Тој ќе настапи како дел од проект што го носи името „Мизар – друго откровение“

Таневски, по повод јубилејот,  издава и три нови албуми со кои ќе се заокружи неговата плодна три и полдецениска кариера.

„Мизар“ е формирана во 1981 година во Скопје од членовите на групата: Горазд Чаповски (гитара), Ристо Вртев (вокал), Илија Стојановски (бас гитара) и Панта Џамбазоски (тапани).

Во почетокот, групата била повеќе ориентирана кон рок музиката. Но, во 1985, на местото на Ристо Вртев како пејач дошол Горан Таневски. Истата година снимиле неколку демо песни и тргнале на југословенска турнеја заедно со „Лајбах“ и „Дисциплина кичме“ . Со таа промена го промениле и стилот, и под името „Мизар-второ откровение“ нуделе музика базирана на старословенското пеење, македонскиот фолклор, византиската традиција и дарк звукот.

Пред четири години излезе документарниот филм „Мизар: Ѕвезда на надежта“, вклучувајќи интервјуа со првите членови на „Мизар“ и разговарање за досега непознатиот период на групата: почетоците во 1981 до 1986. Пред документарниот филм, се сметаше дека „Мизар“ е основана во 1983.

До ден денес, Чаповски остана единствениот константен член на „Мизар“ од основањето во 1981 година.