Грчката музичарка и гитарски виртуоз Елена Папандреу, покрај извонредниот настан на „Охридско лето“, посака да го запознае градот подетално.
– Сум слушала за Охрид, но благодарение на фестивалот „Охридско лето“ првпат имав можност да се запознам со културно-историското богатство на градот, вели гитаристката.
Грчката музичарка со богата кариера во Охрид остана два дена кои ги искористи за прошетки, но и за пливање во Охридското Езеро.
– Првпат бев во посета на Охрид, многу ми е драго, едноставно имав среќа што останав еден ден повеќе, а фестивалот „Охридско лето“ ми овозможи да ги видам културно-историските споменици. Градот е фантастичен, убаво живописно место исполнето со мир и спокој. Многу зеленило, свеж воздух и прекрасно сино езеро. Многу пријатни луѓе, пријателски расположени кон гостите. Пливањето во Охридското Езеро беше прекрасно искуство. Задоволна сум и ми беше чест што бев дел од фестивалот „Охридско лето“. Можам да кажам дека ова беше патување исполнето со прекрасни спомени, вели Папандреу.


Со професионален туристички водич грчката музичка ѕвезда прошета низ стариот дел на Охрид, но го посети и Заливот на Коските во Градиште и манастирскиот комплекс Свети Наум. Таа уживаше и во вкусната традиционална македонска храна.
Фестивалот „Охридско лето“, преку уметниците кои со себе ќе ги понесат незаборавните спомени и ќе ги пренесат позитивните искуства, го промовира Охрид ширум целиот свет.
Папандреу завчера приреди романтична концертна вечер. Инструменталниот виртуозитет и нагласените емотивни бранувања создадоа амбиент на духовна релаксација кај публиката која ја награди оваа голема уметница со стоечки овации.
– По одржувањето концерт, секогаш сум уморна, но и среќна истовремено. Се радувам вечерва на возвратниот одговор од страна на публиката. Настапив во прекрасна црква што има совршена акустика. Чест ми е да бидам дел од „Охридско лето“ кој важи за најстар и најважен фестивал во Европа. Првпат настапувам овде и сум многу благодарна за поканата, изјави Папандреу по завршувањето на концертот во Света Софија.