Три години по официјалното пуштање во употреба на новиот дом за култура во скопската населба Кисела Вода, објектот што го носи името на поранешната градоначалничка Билјана Беличанец, никако да проработи. Домот, кој всушност го замени руинираниот објект на месната заедница, најпрво беше поплавен од невремето што одзеде 23 животи во Скопје во август 2016 година, потоа дојде до смена на локалната власт, а сега е предмет на судска постапка со изведувачот. За сето тоа време, Домот на културата има директор именуван од општинските власти. И не само тоа, в.д. прв човек на оваа културна институција редовно се менува, па така само во последните три години реализирани се веќе две промени.
Во Домот лоциран во паркот спроти кулите „Расадник“ во Кисела Вода, сега функционира само една просторија што се користи за локалната месна заедница. Останатите простории, киното, библиотеката, салата со 169 седишта и театарска сцена, собите каде што требаше да се сместат месните невладини организации и сите оние што имаа каква било потреба од сопствено катче, зјаат празни. Дури ниту на таблата пред Домот на културата не е напишано новото име на објектот – Билјана Беличанец, во чест на прерано починатата актерка и градоначалничка, во чие време започна реновирањето на објектот.


Всушност, објектот почна да се реновира во 2014 година, при што беа вложени 42 милиони денари од Министерството за култура и девет милиони денари од локалната самоуправа. Кон крајот на јуни 2016 година, Домот беше свечено пуштен во употреба во присуство и на тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Дадовме ветување дека овој објект ќе биде возобновен и дека Општината Кисела Вода ќе добие дом на култура, кино и сите придружни елементи и тоа го реализиравме“, изјави тогаш Груевски.
Но, само четириесетина дена подоцна, објектот беше поплавен, се зборуваше за штета од стотина илјади евра. Работите никогаш повторно не беа ставени во нормала, иако Беличанец беше градоначалник уште една година потоа, а Груевски де факто беше на власт уште половина година. Се правеа планови за инвестиција и од Министерството за култура, но никогаш не се реализираа.
Иако Домот не работеше, ниту поранешната ниту сегашната власт не се откажуваше од идејата да назначи директор. Првично назначениот директор од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше заменет со нов по доаѓањето на СДСМ на чело во општината. Од пред некој ден, Домот за култура доби нов директор.
Од Општина Кисела Вода велат дека домот „Билјана Беличанец“ се наоѓа во добра состојба, но не може да проработи затоа што се води судска постапка со изведувачот.
„Стручните служби ја следат состојбата на Домот. Сè додека не се отстранат забелешките од страна на изведувачот, а кои се констатирани од надзорниот орган и не се заврши судската постапка, Домот на културата не може да се пушти во употреба. Истиот мора да има директор заради тоа што е правен субјект. Вложуваме максимални напори за побрзо ставање во функција на Домот за културата“, тврдат во Општината.
Објектот бил изграден во 1959 година, но руиниран и надвор од употреба беше од 1990 година. Домот на културата во Кисела Вода е на површина од околу 900 квадратни метри. Во приземјето се сместени мултимедијална сала со 169 седишта, музичко-уметнички клуб, библиотека, канцеларија на месната заедница, гардероби, билетарница. Просторот е збогатен и со дополнителни содржини како кафетерија, додека во подрумскиот дел е сместен делот за релаксација во кој граѓаните ќе може да го поминуваат своето слободно време. Во подрумот има и мала сала во која ќе може да се подготвуваат театарските претстави. Во дел од контролната кула, пак, е сместена контролна соба и остава.


За жал, жителите на Кисела Вода ќе почекаат за да го користат. Засега, во главната сала се организираат настани единствено со специјална пропусница. Таков настан беше комеморативната седница за Беличанец, на кој и власта и опозицијата се најдоа на иста страна.

Горан Адамовски