Изминатиот викенд во сабота на 7ми декември се одржа премиерата на претставата “Хумана Приказна”, во режија на Бесфорт Идризи и автор Кaтерина Момева, во МКЦ “Кино Фросина”, која е дел од проектот „Мој Омбудсман – театарот како метод за зголемување на основните човекови права“, во продукција на Онлимит Медиа и во партнерство со Народниот правобранител.

Оваа претстава даде позитивен импулс кон информирањето на граѓаните за надлежностите на Народниот правобранител односно Омбудсманот и ситуациите при кои тие можат да му се обратат за помош, поддршка или правно советување. Претставата е инспирирана од самите извештаи на народниот правобранител сликовито објаснувајќи ги потешкотиите на граѓаните и начинот на кој оваа институција работи на системско разрешување на тие предизвици поддршката која ја нуди на засегнатите странки. Иницијативата Мој Омбудсман има за цел да ја приближи институцијата до граѓаните на кои им е најмногу потребна, на еден интерактивен и отворен начин.

Премиерната претстава во Скопје заврши со модериран разговор помеѓу претставник на канцеларијата на Народниот правобранител со публиката, каде присутните граѓани поставуваа прашања во врска со проблематиката која беше драматизирана во претставата и постоечките ингеренции и механизми на Народниот правобранител.

“Ја препорачувам “Хумана Приказна” и сметам дека треба да се одигра насекаде низ земјата, затоа што е добар начин луѓето да бидат свесни дека има каде да се обратат и дека за се’ може да се најде решение.” – изјави Лира Бојку по завршување на премиерата “Хумана Приказна”.

Караванот на претстави, планиран да се одржи низ неколку градови низ државата, ќе започне овој викенд со претставување на “Хумана Приказна” на 14ти Декември во Крива Паланка и 15ти Декември во Битола. Проследете ја мапата од караванот на нашата фејсбук фан страна https://www.facebook.com/moj.ombudsman/ и не ја пропуштајте можноста да бидете дел од ова уникатно театарско доживување.

По завршување на претставите, граѓаните ќе имаат можност за отворена дискусија со претставник од канцеларијата на Народниот правобранител.