Галеријата „Остен“ вечер од 20 часот ќе организира самостојна изложба „Време е за чај” и музички перформанс на францускиот мултимедијален уметник Рено Рулман кој ќе ги претстави своите графики-цијанотипии. 

– Циклусот „Време е за чај” е серија на цијанотипии, специфичен фотографски графички процес со кој се продуцираат цијано-сини графики. Како фотограф на аналогна фотографија, Рулман ќе се претстави со 30 цијанотипии – како омаж на оваа техника (1842 г.), преку кои ќе покаже како да се направат копии од растенија како хербариум. Се работи за мешавина од сликарство, фотографија и геометрија. Дополнително, уметникот ќе изведе музички перформанс со генерирање музика од македонски цвеќиња на отворањето на изложбата, соопшти „Остен“. 

Рено Рулман (1982) е француски аналоген фотограф кој има специјализирано на музичка фотографија и архитектура. Во текот на десет години работи со неколку мизичари, брендови и простори во музичката индустрија и соработува со градители и креатори на стара органска архитектура. Користи стара техника на црно-бели филмови и е посветен на создавање  цијанотипии со кои создава архива на растенија со кои ја зачувува убавината на природата.

 Рулман создава и музика и со „Звуците на природата” развива проект со кој преку звук се сензибилизира комуникацијата со вегетацијата. Создава хербален звук со поврзување на растенија во живо, за да ги прикаже и валоризира терапевтските и медицинските можности на растенијата.