Институтот за македонска литература денеска ќе организира трибина насловена: „Хип хоп култура (40 години уметнички перформанс)“, а поводот е  40-годишнината од првата хип-хоп песна „Раперс дилајт“ изведена од групата Д’Шугархил Генг.

– Хип-хопот како глобален тренд и популарна култура е присутен во највисоките академски средини. Во нашата земја се одржани повеќе предавања, трибини и дебати од неформалната организација Хип-хоп Македонија. Со оваа трибина, Институтот за македонска литература ја вклучува нашата Република во редот на земјите каде што хип-хоп културата се изучува на највисоко академско ниво, обработувајќи најразлични аспекти: поврзаноста со религијата, социологијата, филозофијата, политиката, револуцијата, моралот и етиката, феминизмот и родот итн, соопшти Институтот.

На трибината ќе учестуваат Маја Јакимовска-Тошиќ, Антоанела Петковска, Славчо Ковилоски, Ристо Солунчев, Дејан Методијески, Вангел Ноневски и Александар Ковилоски. Гости ќе бидат македонски хип-хопери од различни генерации, кои по завршувањето на трибината ќе може да учествуваат во планирана дискусија.

loading…