Во организација на УНЕСКО, денеска се одржа првиот виртуелен состанок на министрите за култура  од земјите членки посветен на влијанието на здравствената криза, предизвикана од пандемијата на вирусот КОВИД 19, врз културниот сектор, на кој учествуваше и министерот Хусни Исмаили. На виртуелниот состанок, кој всушност претставува продолжение на Форумот на министри за култура одржан на 19 ноември 2019 година, министрите информираа за мерките што се иницираат или се преземаат во рамките на нивните национални политики и разменија мислења во врска со идните чекори што треба да се преземат на регионално и на меѓународно ниво во насока на надминување на последиците од кризата.

Министерот Исмаили во рамките на виртуелниот состанок информираше за актуелните предизвици со кои се соочува Министерството за култура при имплементацијата на мерките и уредбите усвоени од страна на Владата  и на Министерството за здравство во услови на вонредна состојба во нашата земја. Од тие причини, истакна тој, од особено значење е континуитетот на соработката и солидарноста меѓу земјите, како и поддршката на УНЕСКО во насока на размена на искуства.

Инаку, целта на виртуелниот состанок во организација на УНЕСКО е да се овозможи воспоставување платформа за редовен дијалог со министрите за култура, во насока на иницирање заедничка рефлексија за влијанието на здравствената криза врз културниот сектор на глобално ниво, да се идентификуваат економските и социјалните последици врз културниот сектор во целина, како и заложбата за мобилизација на властите и на меѓународната заедница во насока на поддршка на културниот сектор. Состанокот е од особено значење поради можноста за размена на искуства меѓу првите засегнати земји од пандемијата и државите каде што кризата сè уште се развива, а со цел воведување мерки за превенција, како и мерки со кои преку прелиминарни проценки на состојбата во културата и во културниот сектор на национално ниво би се ублажило влијанието од кризата. Исто така, овој состанокот  отвори можност за дијалог во врска со мерките што треба се преземат во иднина, а со цел да се донесат препораки со кои би се ублажило влијанието на здравствената криза врз културниот сектор на краток, среден и долг рок.

На состанокот, министрите за култура потенцираа дека пандемијата од вирусот КОВИД 19 уште еднаш потсетува дека културата е од суштинско значење за општествениот развој и претставува вектор на еластичност и развој на човекот од социјален и економски аспект. Од тие причини, културата неминовно треба да биде интегрирана во рамките на владините политики и да го даде својот придонес во надминувањето на оваа невидена криза.