Во Националната опера и балет се одржа прес-конференција по повод премиерата на операта „Кармен“ од Жорж Бизе, која ќе биде изведена на 8 и 12 ноември. По нејзината последна премиерна обнова во 2002 година, по 17 години, „Кармен“ ја доживува својата седма премиерна обнова реализирана во рамките на националната оперска куќа.

Нејзиното поставување, како и нејзиното изведување во текот на целата, речиси 70-годишна дејност на Македонската опера, има посебно и мошне големо значење. Таа е првата француска опера изведена на сцената на Македонската опера (македонската премиера се случила на (4.3.1951 година), а според официјалните податоци на Националната опера и балет, таа е и трета, најгледана опера од нејзиното формирање до денес (веднаш зад „Травијата“ и „Аида“), но и една од првите десет најгледани претстави на репертоарот.

Авторскиот тим на новата режија, сценографија и костимографија го потпишуваат: Нина Најденова (Бугарија) – режисер, Елена Иванова(Бугарија) – сценограф, Марија Пупучевска – костимограф, Олга Панго – кореограф. Диригент е гостинот од Италија, Енрико Довико.