Коле Ангеловски е театарски и филмски актер, режисер, сценарист, писател и раскажувач, драматург, чиј творечки опус е броен и разновиден, а многубројни се и наградите и признанијата што ги добил за петдецениската работа, меѓу кои наградата на Град Скопје „13 Ноември“ и државната награда за животно дело „11 Октомври“. Годинава Коле Ангеловски беше прогласен за лауреат на 11. Интернационален театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. На официјалната церемонија на доделување на признанието беше прикажан и биографски филм за Ангеловски, а се промовираше и неговата книга „50 години Драмски и клоцата во…“
– Ваквите награди се специфични, да, ги имам многу, од „13 Ноември“ наградата на Град Скопје, „11-октомвриската“ државна награда, десетина за животно дело, сè до оваа од театарскиот фестивал во Крива Паланка, која, мора да кажам, ми е еднакво драга, ме изненади и ме израдува истовремено, бидејќи е во чест на љубовта, ентузијазмот на овие луѓе посветени на театарот, кои сакат да направат нешто убаво за граѓаните. Иако нема театар во Крива Паланка, сакаат да им ги прошират светогледите на граѓаните, затоа ем ми е убаво ем ми е драго што годинава сум јас лауреат на фестивалот – вели Ангеловски во интервју за МИА.


На констатацијата дека денешните генерации живеат во комплетно поинаков свет, со социјални мрежи, без квалитетна аудио и аудиовизуелна понуда што ќе ги привлече, Ангеловски вели дека технологијата целосно го промени светот.
– Денес речиси нема радиодрами, многу е променето буквално сè. Оваа дигитализација и наплив на технологија, мобилни телефони, комплетно го променија животот. Повеќе ништо не е исто, не е како што беше, а мислам дури и дека многу скоро и телевизиите ќе престанат да работат, ќе бидат непотребни. Веќе ниту една телевизија, освен дневници и разговори во живо, нема никаква продукција. Песните ги снимаат пејачи, им ги даваат на телевизиите, се купуваат евтини серии, а нема сопствена продукција. Дури и што е многу чудно и интересно, и спортските натпревари што се емитуваат од кај нас, оние поголемите, преносите не ги вршат наши македонски екипи, туку доаѓаат странски екипи, зашто нашите не ги исполнуваат потребните технички услови. Мислам дека во иднина ќе има големи продукции, приватни компании со големи буџети што сервираат готови продукти по целиот свет, како што немаме ние ни индустрии, нема автомобилска индустрија во државата, порано барем „фиќо“ се произведуваше, ама нешто се произведуваше. Веќе нема ни такви силни театарски претстави како порано, ќе се сведеме на домати и пипер, на земјоделство, како што тргнале нештата, а ќе нема ни работна сила, па којзнае до каде ќе оди ова – вели тој.

Во неговата биографија се запишани над 60 филмски улоги, 140 режирани претстави, импозантна бројка остварувања за еден работен век, од улогата во „Саша“, преку режија на „Викенд на мртовци“, до денес.
– Само за претставите, околу 140, ако една се работи во просек по два месеци, имам 280 месеци непрекината работа. И тука нема запирање, едноставно се движите, влегувате во работата и врвите. А работите се сосема различни, филм и претстава се неспоредливи и бараат различни нешта. Снимањето филм е преубаво, особено како глумец, се дружиш околу два – три месеци со екипата, сè е убаво, убава енергија. Да режираш филм е многу тешка работа, најтешка, дури ужасна. Секој што ќе рече ќе режира филм, уште во истиот момент наидува на пречки, се мешаат партии, други фактори, па за да дојдеш до средства за работа е макотрпно. Јас, на пример, по „Викенд на мротвци“ чекав триесет и кусур години за да добијам средства да снимам филм. Ми одобрија пред две години, за филмот „Ах, љубов моја“, околу 200.000 евра, што е минорна сума, да не речам смешна, бидејќи во тоа немаш ниту за плакати, билборди, за многу малку потребни нешта. Се знае дека други режисери работат со милионски суми, а многу повеќе пари им се доделуваат и на дебитанти. И мора да кажам, дури и никој не го интересира постпродуктивно, дали ќе се пушти некаде тој филм, не се промовира, па потоа, кој ќе го види – се нема интерес. Додека, пак, да режираш во театар е многу убаво, иако умеат и тука да се вмешаат политики. Сепак, добиваш некаков буџет за работа, имаш други луѓе кои се грижат за гардероба, сцена, одржуваш проби со глумците и има убава енергија. Едноставно, задоволство е да се работи со глумците, без разлика дали е тоа во Скопје или во Штип, Битола, Велес – додава Ангеловски.