Со подемот на дигиталните платформи како „Ер-би-ен-би“ (Airbnb), концептот на туризмот е во фаза на фундаментална промена. Приватните домови станаа сместувачки капацитети и како такви се дел од глобалната индустрија. Традиционалниот модел на хостелот или хотелот се повеќе се под притисок. Ова не само што предизвикува архитектонски последици, туку и сериозни урбани импликации бидејќи туристичката инфраструктура веќе не е концентрирана во одредени делови на градот, туку е дистрибуирана во мали единици на разни локации во градот. Таа претставува архипелаг на мали острови во урбаната ткаенина инфилтрирајќи ги постојните населби и нивните заедници.


Овие теми се дел од 7. Меѓународна летна школа за архитектура и дизајн која се одржува во Охрид и ќе трае до 6 јули. Школата е во организација на организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид. Годинава под насловот „Туристичка платформа: Охридскиот архипелаг“ предавањата се раководени од Харалд Трап, социолог, архитект и актуелен професор на Технолошкиот универзитет во Виена, Австрија.
„Дигиталната картографија на туризмот, како една од целите на школата, треба да го позиционира влијанието кое туризмот го има врз локалните заедници на Охрид и искуството на градот, истовремено од гледна точка на домаќинот и на посетителот. Платформата за туризам ќе ја предизвика постојната архитектонска типологија со реструктурирање на нејзиниот односот помеѓу аспектите на домување и сместување. Методот на работа на оваа летна школа ќе се обиде да покаже дека овој предизвик не треба да им се препушти на профитно ориентирани корпорации, туку ќе работи на создавање концепти за современа интерпретација на богатите локални архитектонски традиции“, се вели во најавата за Летната школа.