Оваа година Мајските оперски вечери ќе бидат одбележани на еден поинаков начин. На официјалниот јутјуб-канал публиката ќе има има можност да проследи 10 продукции на Националната опера и балет, осум оперски и две балетски.

„За почеток, на 9 мај ќе можете да ја проследите дигиталната премиера на најновата продукција на операта ‘Кармен’, на 12 мај балетската претстава ‘Рајмонда’, 15 мај ‘Турандот’, 17 мај ‘Кавалерија Рустикана’ и оперскиот концерт по повод 70 години од оперската уметност. На 19 мај ќе имате можност да го проследите балетскиот концерт ‘Балетски бисери’, а на 22 мај операта ‘Фауст’. На 24 мај, по повод празникот Св. Кирил и Методиј ќе имате можност да ја проследите операта ‘Лидија од Македонија’ од Ристо Аврамовски. Операта ‘Адријана Лекуврер’ ќе биде емитувана на 26 мај, а операта ‘Травијата’ на 29 мај. За крај традиционално, како што и би го завршиле фестивалот Мајски оперски вечери, на 31 мај ќе ја емитуваме операта ‘Аида’“, соопштија од НОБ.

Директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов, вели дека Мајските оперски вечери се крстопат на цивилизации и култури од целиот свет.

Уметничкиот раководител на операта, Бисера Чадловска, вели:

„Ова е период од годината кога ние, вработените во Националната опера и балет, сме секогаш најпродуктивни и во зенитот на нашата оперска и балетска сезона. За нас, 9 мај е најочекуваниот ден во годината, ден до кој доаѓаме по период исполнет со макотрпна работа, труд, но и возбуда поради тоа што нè очекува во текот на месец мај. Нам, уметниците, оваа година ќе ни недостига чувството на исполнетост, креативен порив и адреналинот кој го чувствуваме додека сме на сцена за време на нашите претстави. Верувам дека сите емотивно го доживуваме овој перод и со нетрпение очекуваме да се вратиме на нашите работни места“.