МОН со ултиматум до ДУТ: Да се укине давачката за пракса

Министерството за образование со ултиматум до универзитетите во земјава. За три месеци да ги сменат статутите и регулативите во согласност со новиот Закон за високо образование. Овие промени итно треба да ги усвои и Државниот универзитет во Тетово, кој ги обврзува студентите да плаќаат по 3.000 денари за практична работа.

Министерство за образование:

„Министерството за образование побара од Државниот просветен инспекторат да го потврди случајот со плаќање на пракса во износ од 50 евра на Тетовскиот универзитет. Од универзитетот добивме известување дека нивниот статут предвидува такво нешто, но тоа е во спротивност со новиот Закон за високо образование кој одамна го донесе Собранието. Затоа, Министерството за образование ги известува сите универзитети, во овој случај и Тетовскиот во рок од три месеци да го смени својот статут и да не се предвидува плаќање за пракса на одредени факултети.“

Вчерашната реакција на министерката за образование Рената Дескоска денеска го замолкна Тетовскиот универзитет. Од оваа институција не сакаа да ја коментираат изјавата. Давачката за практичната работа ја зголеми загриженоста и студентите почнаа да се координираат за да се спротиват, па не исклучија ниту организирање на протести.