Фото: Б. Грданоски

Согласно препораките на Владата за спречување на ширењето на КОВИД-19, Музејот на македонската борба за самостојност денеска соопшти дека оваа национална установа е затворена за посета. Комуникацијата со посетителите ја продолжуваат преку интернет локацијата www.mmb.org.mk и преку каналите на социјалните мрежи Facebook и Google business.

Од Музејот на македонската борба информираат дека почнале со интерактивната 3Д веб сцена посветена на Аферата Мис Стон која е на располагање на веб локација http://www.mmb.org.mk/elenston/.

Се работи за едукативна алатка со која може дополнително да се истражи овој историски настан, вклучувајќи ги главните ликови, бројки, податоци, но и да се доживее дел од атмосферата на постојаната музејска поставка.

– Ќе продолжиме со презентација на инклузивниот водич „Минато на дланка“ посветен на 13 тактилни предмети и аудио приказни преку кои ја доловуваме музејската поставка. Водичот е дел од Проектот за унапредување на пристапноста на музејот за слепи и слабовидни лица, поддржан од Балканската музејска мрежа, се вели во соопштението.

Во наредниот период Музејот ќе продолжи да објавува и музејски приказни од збирките и депоата со што, како што се наведува, ќе ја реализираме нашата мисија на истражување, промоцијата и едукација за нашето културно и историско наследство во новонастанатите околности.