Саботна музичка забава вечер од 19:30 до 21:30 часот ќе организира Општина Карпош на покривната површина на Трговскиот центар „Сити мол“. Преку овој настан, Општината ги повикува сите карпошани во овој период од денот да излезат на терасите од своите домови и да уживаат во добра музика.

За музичкиот дел, задолжен ќе биде DJ Babura Junior, а како што се наведува во соопштение, настанот ќе може да се следи и во живо на фејсбук страниците на општината  и на DJ Babura Junior.

-Карпош продолжува да пулсира во духот на урбаното, во духот на маалскиот соживот и меѓугенерациска дружба. DJ Babura Junior ќе не потсети на голем број диско хитови, ретро македонска и странска музика. Во период на полициски час, ќе имаме можност да уживаме во добра музика и да дадеме поддршка на домашната музичка сцена, соопштија општинските власти.

Општината ги повикува сите карпошани, особено оние кои живеат во околината на „Сити мол“, да излезат на своите тераси, од своите домови да бидат дел од овој настан, кој, како што посочуваат, ќе се карактеризира и со голема интерактивност.

За денес се планирани и четири други изведби на различни локации во Скопје,
почнувајќи во 12 часот со Христина Зафировска (видео – визуелни уметности),
потоа во 17 часот во Топанско Поле ќе настапи Артан Кастрати, веднаш потоа
во 18 часот ќе следи настапот на групата Funk Shui кај Млечен, а вечерниот
концерт ќе биде во изведба на Musaiq со почеток во 20 частот повторно кај
Млечен.

Сите настапи ќе биде стримувани на фејсбук страницата на Град Скопје и јутуб каналот.Покрај музичките настапи, во програмата „Култура во време на Корона“ за
наредниот период планирани се изложби, видеоарт презентации, настапи на диџеи
и состави на класична музика, како и театарски изведби.