Планот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот Регион е подготвен и денеска треба да биде објавен на веб-страниците на трите општини во регионот (Охрид, Струга, Дебрца), како и на веб-страниците на Министерствата за култура и за животна средина. Со тоа што нацрт-планот ќе биде достапен за стручната и пошироката јавност, предвидени се и јавни дебати до негово конечно усвојување. Откако ќе биде усвоен, практично може да заврши мораториумот за градење и легализација на бесправно изградени објекти во Охридскиот Регион, кој стапи во сила годинава во август. Преку одредбите на планот, предвидено е зонирање со кое ќе се воспостави контролирана урбанизација.

– Прва строга заштитна зона е крајбрежјето со ширина од 50 метри, сметано од границата на катастарска парцела 1/1, односно Охридско Езеро. Оваа зона овозможува сè она што не е допрено од природата да остане такво. Нема да смее да се гради. Потоа, делови во оваа зона, каде што веќе има крајбрежна трансформација, ќе бидат ставени под контрола. Кои објекти ќе останат од веќе изградените, ќе зависи од Студијата за оцена на културното наследство и животната средина што ќе ја спроведува Министерството за транспорт и врски врз база на регистрите на бесправно изградените објекти од општините. Предвидени се и зони во градовите Охрид и Струга, како и во населбите, особено крајбрежните, кај кои е важно да се стави под контрола урбанизацијата. Со зонирањето се обезбедува заштита на строгите споменички целини, односно јадрата во Охрид и во Струга – информираше Ана Петровска, државна секретарка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Ќе се ограничи катноста на објектите
Со планот се предвидени контактни зони, односно втора и трета зона во рамките на градовите. Таму ќе се ограничува процентот на изграденост и катноста на објектите, како еден начин да се спречи промената на пејзажот и на амбиенталните вредности, но и универзалните вредности на подрачјето.
– Важно е да потенцираме дека крајбрежјето ќе се решава со интегрален урбанистички план од значење на државата, каде што овие режими дефинирани со планот ќе се имплементираат. Додека, пак, во градовите според планот, ќе се намалува или коригира катноста во делови каде што според постојните урбанистички планови се предвидува повисока катност. Ова ќе биде усогласено со Законот за урбанистичко планирање, кој е во собраниска процедура – додаде Петровска.

Министерот Едмонд Адеми и државната секретарка на Министерство за животна средина Ана Петровска

Се чека Струга да изготви регистар на дивоградби
Министерот Едмонд Адеми, во својство на претседател на Националната комисија за УНЕСКО, информираше дека процесот е комплексен и бара фокусирана посветеност.
– Од јули досега спроведовме времен прекин на сите градежни работи на територијата на Охридскиот Регион. Го финализиравме планот за управување со природно и културно наследство, а се финализираат и регистрите на дивоградби на општините, односно за Охрид и Дебрца е завршен, до крајот на месецот се очекува и за Струга. Се решава проблемот со колекторскиот систем, а со ребалансот на буџетот Владата одвои 50 милиони денари за јавното претпријатие „Колекторски систем“ за оваа фискална година, како и дополнително 88 милиони денари за санирање на поранешната „Проаква“. Последниот елемент од клучните чекори е и формирањето меѓудржавна комисија на Албанија и Северна Македонија за заедничко управување со природното наследство на Охридскиот Регион – рече Адеми.

Лесно е да се навива од трибини, но на терен се гине
Градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиевски, препорачува мораториумот на градење да продолжи
– Сметам дека ќе биде добро ако мораториумот го продолжиме барем уште шест месеци по усвојување на планот. Со тоа ќе имаме повидливи резултати – рече Георгиевски.
Како што информираше тој, УНЕСКО не бара да бидат урнати 409 дивоградби, туку се бара анализа и отстранување на оние што влијаат на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.
Тој потенцираше дека поддршката од централната власт за спроведување на препораките е од клучно значење бидејќи ситуацијата на терен е исцрпувачка.
– Добивме засилување и сега имаме тројца градежни инспектори, но би сакал бројката во иднина да се зголеми. Лесно е од Скопје да се „навива“ за да се направи нешто, но ситуацијата на локално ниво е поинаква. Тоа е исто како да се навива на натпревар од трибини, но никој не знае како им е на тие долу на теренот што играат – вели тој.
Георгиевски и Адеми пред два дена се вратија од Париз каде што имаа работни средби со претставници на УНЕСКО за прогресот во зачувување на природното и културното наследство во Охридскиот Регион.

Ивана Настеска