Концертот во преполната црква „Света Софија“, на дуото од соништата Миленковиќ-Милошевиќ, синоќа, беше осмислено како атрактивна, за лето, конципирана  програма.

„Ќе има од сѐ по малку, а сите дела со кои ќе настапиме се многу важни“, најави Миленковиќ на прес-конференцијата, пред два дена.

Концертот го започнаа со Бетовеновата Соната број 1, неговата прва соната, композиција со многу енергија, ремек дело, зашто тој не објавувал ништо што не е совршено подготвено. А токму најраните дела, се неговото совршенство.

Следеа дваесетина минути балет: „Бакнежот на самовилата“ од Игор Стравински, всушност елегантно направената свита во кусо издание.

Во вториот дел, по паузата никој не замина, па публиката ја имаше ретката прилика и чест да ја проследи македонска премиера, од организаторот најавена како „светска премиера на верзијата за виолина и пијано” од италијанскиот композитор Никола Кампогранде.

Самиот наслов “Паганини, Паганини” сугерира на веројатно највеличенствениот посветеник на виолината на сите времиња, Николо Паганини. Напишано по примерок на Паганини, поточно инспирирано од Паганини, а изведено на современ начин на виолина и пијано.

Потоа следеше делото „Легенда“ од полскиот композитор Хенрик Виењавски.

Миленковиќ, пред секој почеток, на публиката ѝ даваше кратка најава на „српско-македонски, а за тие што не разбираат и на англиски!”. Во стил на шоумен од светска големина, ја запозна публиката со легендата за Елизабета Хемптон, избраничката на Виењавски, чии родители не давале чедо за „еди којси музикант – обичен виолинист!”.Но, кога им ја отсвирил „Легенда”, ја купил нивната наклоност.

Крајот го краси делото, а Миленковиќ за крај го одбра Валс-Скерцо од Петар Илич Чајковски, претходно најавеното, но, не и откриено изненадување, подготвено за публиката што синоќа го  проследи неговиот и настапот на неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ.

Публиката не им остана должна. Со стоечки овации го поздравија концертот, на што уметниците возвратија со три-четири бис изведби, одбрани нумери од руски и шпански автори.