По само десет месеци на функцијата директор на Драмски театар, премиерот Зоран Заев одлучи да го разреши драматургот Викторија Рангелова-Петровска. Во многубројните директорски имиња за разрешување, нејзиното име се издвојува, особено затоа што за дел од директорите во јавноста се споменуваа како невешти во својата работа, наспроти задоволните вработени во Драмски театар.
Назначувањето на директор на Драмски театар, според актуелниот Закон за култура, го прави министерот за култура, затоа збунувачки е јавниот предлог за разрешување даден од страна на премиерот.
Веста дека е разрешена со чудење е дочекана и од ансамблот во Драмски театар. Според нашите информации, директорката, како и останатите вработени во театарот, ваквата одлука ја слушнала директно од прес-конференцијата на Заев. Претходно, немале никакви најави за промена на челната позиција во овој театар.
Рангелова-Петровска уште со самото доаѓање на функцијата уживаше голема поддршка и од актерите и од останатите вработени во театарот, а поддршката продолжи во текот на нејзиното директорување.
Рангелова-Петровска е дипломиран драматург на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а едукацијата ја продолжила со магистерски студии по драматургија во Словенија. Била и асистент по предметот македонска драма и театар на ФДУ и активно партиципирала во научно-истражувачки проекти од областа на театрографија и театрологија во рамките на Институтот за театрологија при ФДУ. Покрај драмските текстови, авторка е и на дваесет научни труда од областа на театрологијата и театрографијата.
На функцијата директор на Драмски дојде во септември минатата година, кога тогашниот министер за култура Асаф Адеми именуваше дваесетина директори на културни институции. Претходно, како в.д. директор Драмски го менаџираше актерот Сашо Тасевски.
Во театарските кругови изминатиов период се шпекулираше и за наводни притисоци за партиски вработувања во Драмски театар, кои не се реализирале.
Пред два дена, пак, дигиталната редакција СДК.мк објави дека стаклата на зградата на театарот се опасни за минувачите бидејќи се испукани по целата должина. Поради тоа, поставени се и листови со предупредување до минувачите.
Рангелова-Петровска тогаш рече дека за оваа состојба биле известени Министерството за култура и заменик-министерот Владимир Лазовски.
Конкретно образложение за смената на Рангелова-Петровска од Владата не дадоа, туку велат дека за сите разрешени директори причините се различни.
„Како што рече премиерот Заев на прес-конференција, причините за разрешување на директорите на државните институции се различни. Односно, некои од директорите се разрешени поради слаба реализација на капитални инвестиции, дел од нив поради нетранспарентност, дел како последица на неуспешно менаџирање со институциите, во делот на финансиско стабилизирање и зајакнување на институции, некои од носителите на раководни позиции се разрешени бидејќи не секогаш ги почитувале заклучоците и упатства на Владата и слично“, ни одговорија од Владата.
Од Министерството за култура не ни одговорија на прашањата дали тие се запознаени со причините и ваквата одлука на премиерот, бидејќи именувањето на директор на оваа институција според закон е во надлежност на министерот за култура.
Рангелова-Петровска ќе го искаже својот став откако официјално ќе добие образложение за нејзиното разрешување.

Ивана Настеска