Оптимизам во Брисел за решавање на спорот со името до јуни

Конкретни пораки со оптимизам од Брисел во пресрет на средбата на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас. Унијата очекува решение за името со јуни, за Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Заев се надева прашањето да се реши што поскоро, но не по секоја цена.

Иако Заев изрази подготвеност за лидерска средба, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека премиерот без причина ја одложува средбата со Мицкоски.

Пратеникот на ДУИ, Реџаил Исмаили во емисијата “200“ најави дека премиерот ќе се откаже од референдум за името, ако прашањето биде решено со меѓународен договор, како тој со Бугарија.

“Да се ратификува договорот како со моделот со Бугарија и да се реши проблемот и да не оставиме простор. Ако оставиме простор за референдум, прашањето нема да се реши. Ова би било најдоброто решение“, изјави Реџаил Исмаили, ДУИ.

Грчките медиуми најавуваат дека премиерите ќе се сретнат два пати за време на Самитот во Софија. Очекувањата се големи и сите пишуваат дека е постигнат компромис околу опсегот на употреба на новото име и уставните промени. Едно од можните сценарија е веднаш откако ќе се потпише меѓународниот договор, Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ, а кога договорот ќе биде ратификуван во Собранието, земјата да стане членка на НАТО. Македонија ќе треба да направи промени во Уставот во текот на ратификацијата на Договорот во грчкиот парламент.