Во Истанбул вчера свечено беше отворен Културно-информативен центар на Република Северна Македонија. На отворањето присуствуваше и македонскиот министер за култура, Хусни Исмаили, кој истакна дека во годините што следуваат Центарот ќе биде главно средиште за претставување на уметниците и проектите од Република Северна Македонија во Истанбул.

Тој потсети дека владите на Турција и Северна Македонија претходно потпишаа договор за основање и активности на културните центри, кој е резултат на големиот број проекти што се реализираа во двете земји и кои со голема динамика ја продлабочија и ја унапредија билатералната соработка меѓу двете држави.

„Во согласност со договорот, Република Северна Македонија го доби овој простор во зградата ‘Сејран’, која има статус на културно наследство и се наоѓа во централното градско подрачје, на плоштадот Таксим. Проектите и програмите што ќе бидат презентирани во КИЦ, ќе бидат потврда за нашите заеднички заложби да ја продлабочиме културната билатерална соработка меѓу нашите две пријателски држави. Министерството за култура, како и досега, така и во иднина, ќе ја дава својата поддршка за што поинтензивна промоција на културата во Истанбул, а овој простор, убеден сум, многу бргу ќе прерасне во вистински центар на културата, соработката и пријателството“, истакна министерот Исмаили.

Тој додаде дека Република Турција, пак, го доби на привремено користење од 10 години културното добро Куршумли ан, кое во овој период ќе биде и комплетно реставрирано. Процедурата за регистрирање на КИЦ на Република Турција во Скопје е веќе завршена, издадени се одобрение за конзервација и реставрација на објектот Куршумли ан и решение за назначување овластен архитект за вршење надзор над изведувањето на работите за непосредна заштита, а извршено е и предавање на клучевите од објектот Куршимли ан на директорот на Институтот „Јунус Емре“.

Во своето обраќање министерот за култура упати благодарност до директорот на Културно-информативниот центар во Истанбул, Рамадан Рамадани, кому му посака многу успех во натамошната работа, до Владата и до Министерството за култура на Република Турција, до претставниците на надлежните министерства за култура и за надворешни работи, со чија поддршка следуваше реализацијата на оваа иницијатива.