Отфрлена жалбата на Алими за мерката притвор

Апелацискиот суд ја отфрли жалбата на Абдулфета Алими за продолжената мерка притвор како обвинет за настаните на 27 април минатата година. Алими кој на 27 април го спаси Зијадин Села останува во притвор. Второстепениот суд не даде објаснување, но како што се дознава, потврдувањето на одлуката за притвор за Алими е донесена врз основа на сериозноста на делото за кое се товари. Одбраната на Алими одлуката на Апелација ја нарече двојни стандарди, бидејќи според нив и другите обвинети кои сега се во домашен притвор, како екс директорот на БЈБ, Митко Чавков и пратениците на ВМРО – ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Саше Василевски се обвинети за истите сериозни дела, но нивната жалба беше прифатена.

Инаку, во постапка е гаранцијата која ја понуди семејството Алими и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Кривичниот совет се очекува да одлучи по истата. Одбраната потврдува дека се чека одлука на Кривичниот совет дали ќе биде прифатена гаранцијата или не. Ако гаранцијата вредна околу 100 илјади евра од семејството Алими биде одбиена, износот го дополнува Зијадин Села кој ја заложи неговата куќа.

Абдулфета Алими е осомничен за делото тероризам. Алими беше вработен во обезбедувањето на Собранието. На 27 ноември судија од претходна постапка побара апсење на Алими, но тој тогаш беше надвор од државата. Потоа тој доброволно се врати и се предаде на органите на прогонот. Тој се сомничи за неделување кога биле отворени вратите на Собранието од пратениците на ВМРО – ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Саше Василевски, иако законот за Собранието е јасен и истакнува дека лицата задолжени за ред во Собранието немаат право да преземаат мерки, приведување или спречување на пратениците во Собранието.