Триото „Пендерецки“ синоќа во црквата „Света Софија“ приреди концерт за паметење во рамките на Полската вечер на фестивалот „Охридско лето“.

Младите уметници, талентираниот пијанист Конрад Сколарски, виртуозот на виолина Јарослав Наджицки и извонредниот виолончелист Карол Марјановски изведоа пијано-трија од Јозеф Хајдн, Сергеј Рахмањинов и Клод Дебиси,а за одбраниот репертоар и за нивниот врвен артизам беа наградени со бурни аплаузи.

-Овој фестивал  е еден од најдобрите на којшто сме настапиле од секој аспект. Прво, акустиката во црквата е перфектна, второ, публиката ја чувствувавме како   да музицира со нас.  Публиката на „Охридско лето“ не е монотона како онаа во големите концертни сали и не е дистанцирана, туку луѓето се придружуваат кон нашето уметничко патување. Организацијата, гостопримството, реакцијата од публиката, сето тоа кај нас остави силен впечаток, рече виолончелистот Марјановски.

Полската вечер на „Охридско лето“ е традиционална и секоја година се одржува под покровителство на Почесниот конзулат на Република Полска со седиште Охрид .

Тројцата уметници, Сколарски, Наджицки и Марјановски имаат и независна кариера во нивната земја и надвор,  и долги години биле неразделни со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки и со неговиот творечки опус.