Книгата „Маалски прикаски (1+2)“ од новинарот Синиша Станковиќ деновиве излезе од печат во издание на „Или-или“. Промоцијата ќе се одржи вечерва во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.

„Во книгата која содржи 65 прикаски (или, како што ги нарекува авторот, „белешки на Случајниот Минувач, подготвени како мезе за муабет, во семејното бифе ‘Носталгија’“), се објавени и дваесетина фотографии на тема „Маалски прикаски“, на познатите македонски фоторепортери: Ѓорѓи Личовски, Огнен Теофиловски, Роберт Атанасовски, Томислав Георгиев, Борис Грдановски, Наке Батев, Маја Златевска, Андреј Гиновски и Радован Вујовиќ“, информираат од „Или-или“.

Како што во најавата за промоцијата, напиша авторот, „за и околу книгата и нашите маала (со мало фаворизирање на Карпошите) ќе муабетат, читаат/пеат: д-р Калина Малеска, актерот Драган Спасов Дац, музичарите Петар Ренџов и Ристо Самарџиев, сè според ‘старите добри маалски правила’: дружба, муабет, музика од ‘нашите времиња’, бифе со ниски цени…“

Книгата им е достапна на читателите во книжарницата на „Или – или“ во центарот на Скопје.