Изминатиов еден и пол месец здружението „За Трпејца со љубов“ работеше на проектот „Од етнолошката ризница на Трпејца“, кој се реализира со средства од Министерството за култура од буџетот на манифестацијата „Нов културен бран – 2019“.

„Направивме истражување, собравме етноматеријали од Трпејца и подготвивме изложба и посебена публикација – каталог со истиот наслов на македонски и на англиски јазик. Каталогот, освен културна, има и туристичко-промотивна димензија. Неговата успешност е мотив плус ние од здружението да продолжиме во таа насока“, вели авторот на проектот, кој е и уредник на каталогот, Милчо Јованоски.

Промотор на каталогот, кој е во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, ќе биде етнологот Оливера Мишева.

Изложбата ќе биде отворена во просториите на подрачното ОУ „Св. Наум Охридски“ во Трпејца на 3 ноември, денес, од 16 часот.