И овој хорор, во режија на Кевин Кулш и Денис Видмир, со Џејсон Кларк, Еми Сајмец и Џон Литков,  како и многу претходни ја користи темата на животот на мртвите. Оригиналноста на овој се состои во тоа дека мртвите можат да видат што живите им правеле зад грб – додека мртвите биле живи. Исто така, оние што се во светот на мртвите можеле да дознаат што живите мислеле, како и да им се вратат на живите и да им кажат дека знаат какви тие навистина биле. Дека знаат дека не се она за што се претставувале додека биле живи. Така може да се развие една верижна реакција во што никој веќе не е светец, туку сите се обземени од мракот. Истовремено, овој филм ја обработува и можеби најболната тема на возрасните, а тоа е губењето на своето чедо во несреќен случај. Овој филм многу професионално и сеопфатно ја обработува и темата на психичката состојба на родителот кој се нашол во ваква мрачна ситуација. Тој тогаш се обвинува себеси дека најверојатно тој самиот нешто згрешил заради што дошло до ваквата несреќа. Но истовремено и се наоѓа пред паднатата завеса на многуте лицемерија пред која ретко кој е светец. На тој начин верижната реакција на моралното раскринкување станува дури една оптимистична активност што изгледа онака како што старите преданија нè учат – дека е најдобро раната да се дупне и гнојот да истече. Сценариото за овој филм е работено според романот на Стивен Кинг кој е нели еден од најкомерцијалните писатели кога и да е.

Во последно време, пак, се верува и дека е еден од најквалитетните и највлијателните, што отсекогаш беше и мислењето на потписникот на овие редови. Јас во неговата проза ја наоѓав неизбежната насилна страна на секојдневието за што никој не зборува, а уште помалку пишува. Лицемерието надвладува сè и паразитира насекаде, дури и во душите на добрите луѓе, интелектуалците и родителите. Така во секој човек како одбранбен механизам се изродува монструм, кој е непријател на монструмите што ги носат во себе сите кои нè опкружуваат. Но, како и во овој филм, авторот секогаш на некој неверојатен начин е оптимистичен, дури понекогаш и црнохуморен. Овој автор е користен како инспирација за некои од најголемите и највлијателните филмски продукции воопшто. Неговите остварувања би можеле да се поделат на оние што имаат и немаат фантастични елементи. Бидејќи во овој филм не сè што се случува има научно објаснување, станува збор за филм од втората група. Станува збор за враќањето на духовите на мртвите низ оние кои можат да ги перципираат, како и духови што им се обраќаат на живите барајќи го од нив својот крвав данок. Авторот Кинг тука не го употребува фолклорот како инспирација, туку наоѓа решенија во врска со перипетијата што произлегуваат од модерноста. При оваа екранизација, режисерите се обиделе да изнајдат оригинални, досега сосем невидени решенија од жанрот на филмовите на страв и ужас. Тие во ова само делумно успеале, како во на пр. сцените каде што звукот е оставен сосема технички необработен, како оној на одењето по чкрипливите штици.

Веројатно продуцентите постојано стремејќи се кон комерцијализација инсистирале на конформистички решенија. Така што филмов, за жал, има многу од жанровските недостатоци на хорорите, како што е презаситувањето со сите можни изразни средства: страшна музика, шокантни звучни и визуелни ефекти, преплашени очи кај протагонистите итн. Сцените на физичко насилство каде што доаѓа до трајно сакатење и каде што се лее многу крв ги има последователно цел еден куп, така што ефектот на плашење е речиси неприсутен кај гледачите. Кои едноставно не можат да веруваат дека луѓето би можеле да бидат исплашени од демоните кои самите ги продуцираат, зашто овие не би можеле да бидат параноични кон своите творци. За жал, режисерите и сценаристите токму вака ги претставиле ликовите. Џејсон Кларк даде една навистина ветувачка креација од областа на карактерите кои се филантропи и подложни на замајување истовремено. Еми Сејмец, пак, импресионираше со непредвидливоста на интерпретацијата на една збунета сопруга.

Игор Поп Трајков

loading…