Во режија на Симон Кинберг, со Софи Тарнер, Џејмс Мекавој, Еван Петерс, Џенифер Лоренс, Џесика Частин

Ситуацијата во која единката мора да се бори за подобра иднина преку подобра држава (или заедница или работна околина) е многу ретко обработувана на големиот екран. Можеби поради масовноста на задачата. Стриповите, како што се виде и во неколку претходни нивни екранизации, кога пренесени на филм ја овозможуваат оваа постапка. Но не само заради широките можности кои фантастиката ги дава, туку затоа што стриповите развија и еден карактеристичен вид драматургија која стои над класичното дејство, а не ретко и над заплетот. Јас би ги критикувал теоретичарите на литературата бидејќи и глобално речиси не постојат некои посериозни студии за оваа пиктурална уметност од литературен аспект. Комплексната обработка на реалноста е главната карактеристика на оваа продукција, што и воопшто е заштитен знак на повеќето реализации кои настанале на база на стриповите. Најчесто материјата која се обработува потекнува од сегашноста. Притоа, на многу софистициран и посреден начин се допираат најжешките социјални, политички, а пред сè човечки проблеми. Со цел да ја илустрирам врската на сценариово со моменталната глобална реалност, ќе го искористам примерот со Ана Вентур. Таа беше критикувана дека не направила доволно за движењето „И јас исто“. Но во интервјуто на Си-ен-ен таа рече дека „Вог“ веќе нема да работи со сите оние што на некаков начин биле инволвирани во кршењето на правата на жената, како и на сите други. Тука спаѓаат некои од најголемите професионалци на денешнината. Можеби светот на модата ви изгледа како некаква површна, наконтена дисциплина, но оние што знаат каков бекграунд има Ана Вентур свесни се дека кажаното не е ни најмалку играчка. Имено, нејзиниот татко е основачот на „Гардијан“ каде што сега раководител е нејзиниот брат. Сестра ѝ пак е директорка на Светското здружение на невладини организации. Врската со сценариото на овој филм ја гледам во изјавата дека најтешката работа која треба да се направи е кога треба да се ослободиш од оние што до вчера ти биле не само блиски колеги туку и најдобри пријатели. Значи, ова издание на „Икс-мен“ се фокусира на неопходноста од огромната разборитост доколку сакаме да ги доведеме нештата на вистинско место. При ова злото најчесто се потпира на вродената сентименталност кај луѓето кои слепо веруваат дека доколку се ослободат од мрачната страна би настанала огромна комуникациска празнина. Друга развојна линија на ова сценарио е биографичноста. Што доколку некој што се грижел за ликот и му станал родител, вдолж времето се обидува да го сведе на својот сопствен лик? Тука доаѓа до борба за опстанок, при која долгогодишниот спонзор може да ја изгуби својата инвестиција. Зошто инвестирал? За да ја има во своја управа гореспоменатата моќ. Иако значи таа моќ во оваа продукција е претставена како фантастика, сепак можеме прецизно да ги разграничиме елементите од реалноста во која живееме. Таа реалност во себе го содржи лицемерството на секојдневието кому мора да му робува секој оној кој би сакал да биде успешен. Но доколку успешноста (односно моќта) е наследена или истата е резултат на ретки способности, тогаш картите се отворени. Или индивидуата ќе се исплаши да не го изгуби она што го има и ќе зачекори по стапките на конформизмот (што е за жал најчест случај) или ќе се реши да биде витез на модерноста. Во филмов е портретиран токму вториот случај, каде што среќаваме една ритерка нагорена со огновите на ненаситната алчност, но која природно е опремена со дебела кожа, па она што ѝ се случува не ја здоболува како и сите други. Особена деликатност во прикажувањето на оваа хероина даде ѕвездата од „Игра на тронови“, Софи Тарнер, чие лице како да беше штит во битката на доброто против злото. При ова беа принесени многу финеси што ги откриваше крупниот план, како на пр. немирот кој настанува како внатрешна борба во времето кога се плашиме дека ќе ги изгубиме она и оние што ни значат.

Игор Поп Трајков