Утревечер, во 20 ч., во Музејот на современа уметност, Скопје танцовиот театар ќе ја отвори сезоната 2019/2020 со претставата „Импулс#волумен13“.

Претставата е составена од повеќе делови, според концепт и кореографија на Адријана Данчевска, Дејан Битровски и Рисима Рисимкин.

Во првиот дел, „Импулс#волумен13/1“ ќе настапат танчерите Бобан Русески, Исидора Краљевска, Борис Богдановски и Дамла Пинар Башар, короеграфијата е на Рисима Рисимкин, музиката на Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, а просторот визуелно го осмисли Матеа Мијановиќ. Вториот дел „Импулс#волумен13/2“ е во кореографија на Дејан Битровски, а настапува Анастасија Данчевска, додека третиот дел „Импулс#волумен13/3“ е во кореографија на Адријана Данчевска, а просторот визуелно го осмислува Ивана Мојсовска. Во овој дел настапуваат танчерките Сара Цветковска, Анастасија Данчевска, Јована Зајкова и Тереза Лазарев.

Со оваа претстава Скопје танцовиот театар најавува богата сезона, со нови оригинални продукции, гостувања на кореографи од странство, како и повеќе гостувања со тие продукции низ земјава и надвор од неа.

СКОПЈЕ ТАНЦОВ ТЕАТАР, основан во 2011 година, е првата официјална компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин, како оснивач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц. Скопје танцовиот театар во изминативе девет сезони има повеќе од триесет продукции, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на младите, веќе афирмирани кореографи: Адијана Данчевска, Матеа Киселичка, Дејан Битровски и др., како и на гостите-кореографи: Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД; Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија; Катцура Кан од Јапонија; Антон Рудаков од Германија; Антонело Тудиско од Италија.

Театарот во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, обезбедува пракса за студентите на Катедрата за современ танц, која е единствена во земјава, по својата програма за продукција на современи танчери, која се одвива во соработка со Ротердамската академија за танц од Холандија. Има остварено повеќе гостувања, низ Македонија, како и во странство.

Работатa на Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје, како и центарот Зебра каде е лоциран театарот.

Фото: Д. Перковски