Претставата „Сè уште без наслов“ на Словенското младинско гледалишче во режија на Томи Јанежиќ ќе гостува на втората фестивалска вечер од 44. издание на Меѓународниот театарски фестивал – МОТ (Млад отворен театар). Претставата ќе се одигра на 14 септември во салата „Фросина“ во МКЦ со почеток во 11 часот претпладне. Претставата трае околу 10 и пол часа. Креативниот процес за оваа претстава е инспириран од книжевното дело Дон Жуан со дополнителен текст од словенечкиот ансамбл. Јанежиќ прави микс на богата, слоевита цели, која дава нов поглед на безбројните верзии на Дон Жуан и донжуанизмот, зборувајќи за нашите радости, стравови и болки.
– Ова е еден од поголемите проекти кои ги имаме. Сметам дека Томи Јанежиќ е еден од најголемите европски режисери. Поради големиот интерес за оваа претстава, за кратко време се распродадоа сите билети уште на денот на објавата – информираше в.д. директорот на МКЦ, Русе Арсов.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека овој фестивал е сериозен белег на градот по кој Скопје е на мапата на европските театарски фестивали.
Годинава фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура и Градот Скопје со вкупно 6,5 милиони денари.
Како што веќе објавивме, фестивалот на 13 септември ќе биде отворен до македонскиот проект „Оваа зграда (на)вистина зборува“. Овој проект ѝ донесе на земјата „Златна трига“ на годинешното Прашко квардиенале за перформанс, дизајн и простор. Проектот ќе се одигра во во МКЦ во 20 часот, а влезот ќе биде бесплатен.
– Освен на отворањето „Оваа зграда (на)вистина зборува“ ќе се одигра уште двапати во текот на фестивалот. Одлучивме да не наплаќаме карти, но од организациски аспект ќе биде задолжително секој што ќе сака да ја проследи да си подигне билет – рече Арсов.
Филип Јовановски од „Факултет за работи што не се учат“, кој е дел од овој проект, рече дека ова е нивното прво претставување во Скопје, а МОТ е вистинското место за тоа.
– Го претставувавме павилјонот на Северна Македонија на годинешното Прашко квадриенале, а самиот проект го работевме веќе неколку години како инспирација од Железничката зграда во Скопје. Заедно со станарите истражувавме, анализиравме и реализиравме различни фази, па сето тоа во Прага го заокруживме како една целина – вели Јовановски и информираше дека со овој проект/претстава ќе гостуваат и во придружната програма на Битеф.
Годинава, на МОТ ќе се одиграат 16 претстави кои доаѓаат од неколку европски земји, како Романија, Хрватска, Италија, Грција, Словенија, Португалија и Македонија.
Првата фестивалска вечер ќе продолжи на малата сцена во Националната опера и балет е и македонско-словенечката драма-опера „Девојчето со жиците“ во режија на Марјан Неќак.
Ќе гостува и италијанската претстава „Човековиот срам“ во која учествува и македонската актерка Симона Спироска, а премиерно беше изведена во март во Матера во Италија кој годинава ја носи титулата „Европска престолнина на културата“. Од Хрватска гостуваат две претстави „Младина без бог“ на режисерот Борут Шепаровиќ во изведба на ЗКМ и „Монтажстрој“ и „Сè е во парите“ на Борис Бакал. Оваа претстава ќе биде изведена во Железничката зграда во Буњаковец, која ќе се промовира како нова сцена на фестивалот.
Гостуваат и романската претстава од Романија („Момчињата на Медеја“), Португалија („Привремени фигури“), а на последниот фестивалски ден ќе гостува претставата „Чист град“ од Грција.
На фестивалската програма годинава се и претстави од македонска продукција. Претставата „Три сестри“ на режисерот Васил Христов во изведба на ансамблот од Турски театар, „Бакхи“ на Битолски театар во режија на Игор Вук Торбица, „Арапска ноќ“ на Прилепски театар во режија на Зоја Бузалковска и настап во живо на „Фолтин“ и скопската премиера на „Несоодветно за на работа“ во режија на Доналд Мофет во изведба на Драмски театар. Следуваат и два танцови перформанси на „Локомотива“.
Меѓу домашните претстави е и „Злосторство на 21 век“ во режија на Владимир Милчин и таа ќе се игра на сцената во театарот во Велес. Од МОТ информираат дека обезбедуваат превоз за посетителите што ќе купат влезница за оваа претстава.
Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапи култниот бенд „Шумски“ од Хрватска и номинираните за „Греми“, „кумови“ на алтернативното кабаре „Тајгер лилис“, со едно посебно шоу, со кое слават 30 години во бизнисот. Покрај двата концерта, следува и работилница за специфична локација „Оди и види“ во Железничката зграда, предавање и дискусија со Мајк ван Гран во киното „Култура“ и промоција на книгата „Анамнезис: Дијалози на уметноста во јавен простор“ од Сандра Ускоковиќ во МКЦ.

МКЦ сè уште чека одлука за директор
Младинскиот културен центар, како институција под надлежност на Град Скопје, подолг период е со вршител на должноста директор, а веќе се пробиени сите рокови за избирање на нов. Во моментов в.д. директор е Русе Арсов, кој со години е дел од тимот на МКЦ. На отворениот конкурс за избор на прв човек на МКЦ се пријавиле Русе Арсов и пејачот Бени Шакири, но сè уште нема одлука кој од нив ќе продолжи да ја води институцијата.
– Кога ќе имаме информација што може да биде споделена со јавноста, ќе ја споделиме навреме – кратко одговори градоначалникот Петре Шилегов на новинарско прашање за време на прес-конференцијата по повод МОТ.