Лејла Сабит

Се подготвуваме за најдоброто можно сценарио, а тоа е Струшките вечери на поезијата да се одржат во вообичаениот термин и формат на крајот на август, поточно од 26 до 31 август. Секако, со внимание го следиме развојот на ситуацијата на глобално ниво и подготвени сме да одговориме на предизвиците што произлегуваат од ограничувањата што ги наметнува пандемијата на Ковид-19. Во комуникација сме со поетските фестивали од странство со кои имаме воспоставено соработка и коишто се одржуваат во термин близок до терминот на Струшките вечери, и тие во овој момент немаат најави за откажување односно одложување на фестивалот, вели за „Независен“ Тодорче Тасевски, директор на еден од најстарите поетски фестивали чии лауреати се најзначајните  поети од  дваесеттиот век, меѓу нив и Нобеловци.

Кој македонски поет годинава ќе ја прочита поетската порака, кој ја преведува обемната поезија на годинешниот добитник- израелскиот поет, романсиер и есеист, и зошто Ор „кога се враќа во Струга и во Охрид, знае дека е меѓу луѓе кои читаат поезија, луѓе со префинет вкус за поезија, кои имаат потреба за поезија и почит кон уметноста на поезијата“, во продолжение на интервјуто.

Дали СВП ќе се одржи во редовниот термин-26 август или ќе биде одложен заради коронавирусот?

-Се подготвуваме за најдоброто можно сценарио, а тоа е Струшките вечери на поезијата да се одржат во вообичаениот термин и формат на крајот на август, поточно од 26 до 31 август. Секако, со внимание го следиме развојот на ситуацијата на глобално ниво и подготвени сме да одговориме на предизвиците што произлегуваат од ограничувањата што ги наметнува пандемијата на Ковид-19. Во комуникација сме со поетските фестивали од странство со кои имаме воспоставено соработка и коишто се одржуваат во термин близок до терминот на Струшките вечери, и тие во овој момент немаат најави за откажување односно одложување на фестивалот.

Ако планот А не се оствари, кој би бил планот Б?

-Секако, освен тоа што се подготвуваме за најдоброто можно сценарио, разгледуваме и се подготвуваме за повеќе опции. Една од нив е делумно стабилизирање на ситуацијата, дозволени настани на отворено со почитување на мерките за заштита, но со ограничувања во однос на авионски летови од странство. Во оваа ситуација, опциите се да се направи издание на СВП со делумно редуциран формат и со поголем број на домашни поети како официјални учесници, како и поети од соседните земји што ќе бидат во можност да патуваат.

Најнеповолната опција е ескалирање на ситуацијата со забрана за одржување на настани. Лично сметам дека оваа ситуација е помалку веројатна. Во оваа ситуација, правиме планови за  дигитално издание на СВП што ќе се реализира целосно онлајн. Во комуникација сме со со поетскиот фестивал во Берлин, како еден од најзначајните поетски фестивали кој вообичаено се одржува на почетокот на јуни и кој оваа година ќе се реализира во целосно дигитална форма така што ќе ги користиме и нивните искуства.

Годинешниот добитник, израелскиот поет Амир Ор

Дали сте во комуникација со годинешниот добитник, израелскиот поет, романсиер и есеист Амир Ор?

-Со годинешниот добитник на Златниот венец, Амир Ор сме во постојана комуникација, како за работата врз преводот на неговата поезија така и за подготовките и неговото учество во рамки на претстојното издание на СВП.

Каде сега живее и работи?

-Амир Ор живее и работи во Тел Авив, Израел, но вообичаено многу патува и е чест гостин на литературни фестивали и книжевни резиденции.Разбирливо, заради состојбата со КОВИД-19 мораше да откаже многу патувања и гостувања.

Дали има дилеми околу доаѓањето во Струга заради затворени граници?

-Како што истакнав и претходно, внимателно го следиме развојот на ситуацијата и се подготвуваме за најдоброто можно сценарио. Во таа смисла очекуваме Амир Ор да биде присутен на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата според вообичаениот протокол. Доколку околностите го оневозможат неговото физичко присуство, разработуваме неколку сценарија во кои ќе може да и биде претставен пред македонската публика.

Ор е интригантен автор, кој доаѓа и се надоврзува на една, исклучително богата, интригантна и влијателна книжевна и културна традиција, како што е хебрејската, која себеси постојано се градела низ вековите како своевиден палимпсест и синтеза на плодоносни гео-културни вкрстувања и разновидни творечки  практики.Кој во Македонија ја преведува неговата поезија?

-Токму заради исклучителната вредност на поезијата на Амир Ор, препевот на неговата поезија е доверен на нашиот истакнат поет и универзитетски професор Зоран Анчевски. Препевот се врши од обновени и авторизирани преводи на поезијата на Амир Ор од хебрејски на англиски јазик. Зоран Анчевски е еден од преведувачите (заедно со Богомил Ѓузел) на поезијата на Амир Ор во рамки на негово претходно претставување на СВП преку изборот од неговата поезија „Давејќи се, дишам жива вода“ во издание на СВП од 2000 г. Тие двајцата се и лични пријатели и се во постојана директна комуникација.

Колку странски поети се поканети годинава во Струга?

-Поканите до годинешните учесници се испраќаат со разбирлива напомена дека се следи развојот на глобалната ситуација и дека за евентуални измени ќе бидат благовремено известени.Вообичаената бројка на странски учесници е околу триесетина автори.

Дали евентуалното нивно недоаѓање заради затворени граници ќе ги одложи СВП?

-Како што истакнав претходно, се разработуваат неколку сценарија, но одложувањето на СВП во моментов не се разгледува како опција. СВП мора да го зачува континуитетот на одржување. Ги следиме информациите од Министерството за здравство и доколку постои сигурна прогноза дека втората половина на септември е значително побезбеден период за одржување, само во таков случај би ја разгледале опцијата за евентуално поместување на терминот на одржување.

Кој македонски поет годинава ќе ја прочита поетската порака?

-Поетската порака како составен дел на церемонијалното свеченото отворање на СВП наиде на исклучително позитивен прием. Освен со нејзината содржина и медиумско внимание, таа претставува и гест на почит кон доајените на македонската поезија и во таа смисла изборот е навистина стеснет на оние поети што се во поодмината возраст. Со задоволство можеме да соопштиме дека нашиот истакнат поет и академик Богомил Ѓузел ќе биде автор на овогодишната поетска порака.

СВП може да се следи на Интернет, а од лани дел од содржините, како и главните читања, вклучуваат употреба на повеќе јазици, односно освен македонскиот и англискиот, се користат и албанскиот и францускиот јазик. Годинава Вечерите се приклучија на „Фестивалот на надежта“- глобална виртуелна поетска иницијатива.Дали во план има и други новини?

-Минатогодишното издание на СВП ја задржа структурата и содржините по коишто се препознатливи Струшките вечери на поезијата, но внесе и новини за коишто се надеваме дека ќе станат препознатлив белег на овој меѓународно признат и познат фестивал. Поетската порака, вклучувањето на употребата на повеќе јазици, целосниот пренос во живо на официјалниот YouTube канал, вклучувањето на волонтери и организираниот бесплатен превоз се најзначаните новини. Оваа година, СВП исклучително успешно се претстави во рамките на „Фестивалот на надежта“. Ситуацијата со Ковид-19 бара од нас да бидеме исклучително креативни во пристапот и подготовката на овогодишното издание и во план се уште неколку нови работи што ќе бидат соопштени наскоро.

Во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана, каде што пишувањето песни станува една дејност на која јавноста не ѝ подарува речиси никакво внимание, славењето на поезијата низ еден ваков фестивал како што е Струшкиот претставува благороден и високо морален чин. Што е она што Фестивалот го издвојува од останатите вакви фестивали во светот и понатаму привлекува поетски имиња, меѓу нив и Нобеловци? 

-Освен импресивната традиција како еден од најстарите поетски фестивали чии лауреати се најзначајните  поети од  дваесеттиот век, Струшките вечери се издвојуваат и по третманот што го добиваат поканетите учесници, коишто навистина ја чувствуваат почитта кон поезијата од страна на домашната публика. Како што истакнува во своето обраќање годинешниот добитник Амир Ор: „ Кога се враќам во Струга и во Охрид, знам дека сум меѓу луѓе кои читаат поезија, луѓе со префинет вкус за поезија, кои имаат потреба за поезија и почит кон уметноста на поезијата..“

Се уште одреден круг на луѓе ја разбираат длабоката вредност и уникатно значење на поезијата преполна со мудрост, убавина и дијалог, со мечта и креативност, како и со слободата индивидуално да размислуваме и да чувствуваме. Дали поезијата се уште може да го смени светот?

-Поезијата може да нѐ смени нас самите, да го смени нашиот внатрешен свет и да го збогати нашиот светоглед. Иако, ова не е време на организирани поетски движења својствени за почетокот на дваесетиот век коишто имаа амбиции да го менуваат светот, поезијата сепак ја има моќта да биде медиум што може да пренесе општествено релеванти пораки.