Со проекција на „Само еднаш се љуби“, вечер од 20 часот во Кинотеката ќе почне ретроспектива на филмови од Рајко Грлиќ. До вторник публиката ќе може да види уште шест играни и еден документарен филм од познатиот хрватски режисер.

Утревечер ќе бидат прикажани „Во челуста на животот“ и „Чаруга“, в недела –  документарниот „Секоја добра приказна е љубовна приказна“ и играниот „Нека остане меѓу нас“, на 3 јуни – „И да пукне, нека пукне“ и „Караула“, и на 4 јуни – „Устав на Република Хрватска“.

Вечерашниот филм „Само еднаш се љуби“ учествувал на Канскиот фестивал во 1981 година, во програмата „Извесен поглед“, а актерот Мики Манојловиќ на фестивалот во Валенсија ја освоил наградата за најдобра машка улога. Според  филмските критичари, овој филм на Грлиќ го покажува репресивното дејствување на поранешниот систем и врз приватноста и раздвојува две епохи во хрватската кинематографија.

Кинотеката соопшти дека  Рајко Грлиќ, кој е школуван на филмската академија ФАМУ во Прага, ќе присуствува на сите  проекции, а на 3 јуни ќе одржи мастер-клас на Факултетот за драмски уметности.

Како режисер и косценарист има потпишано 11 долгометражни играни филмови, има и голем број телевизиски серии и филмови во кои е косценарист или продуцент. Меѓу нив е и култната телевизиска серија  „Бос в трње“ од 1975 година  во режија на Срѓан Карановиќ, за која е сценарист на сите десет епизоди. Автор е и на десетина краткометражни играни и документарни наслови.

Во последните две децении Грлиќ е на релација меѓу Хрватска и САД – каде што работи како професор по филмска режија.

loading…