Србија– Најновото филмско остварување на македонскиот режисер Милчо Манчевски, филмот „Врба“, вечерва ќе биде премиерно прикажан на 48. меѓународен филмски фестивал ФЕСТ во Белград.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, режисерот Милчо Манчевски пред преполната прес сала на ФЕСТ во Комбак дворана, изјави дека многу му е драго што е на ФЕСТ, бидејќи тој е дел од нашето растење и нашата филмска едукација, најавувајќи дека филмот Врба задутре ќе се емитува и на фестивалот во Порто во Португалија, од каде ќе продолжи на фестивалот во Калифорнија, Софија, Истанбул, по што следат фестивалите во Москва, Шангај и Ханој, а филмот се продавал и на фестивалот Берлинаре во Берлин.

-Врба го потврдува она што отсекогаш сум го мислел, а тоа е дека човечките приказни се универзални, ако се убаво раскажани и дека луѓето се насекаде исти. Значи, она што не боли и не радува, секаде не боли и не радува. Специфичностра на еден простор, дали таа ќе биде визуелна или обичајна или политичка е интересна и убава, но уметничко дело не смее да се задржи само на неа, туку мора да зборува за подлабоки универзални теми, изјави Милчо Манчевски.

На промоција на филмот на ФЕСТ во Белград дојде речиси целата актерска екипа, Сара Кимоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Ненад Нацев и други.

Како што изјави Сара Кимоска, коментарите и анализите на меѓународните фестивали и значат многу, бидејќи сето ова и ново за неа.

-Имав среќа да работам со Милчо Манчевски, бидејќи тој како режисер е многу прецизен и егзактен и дава слобода на актерите што е ретко во филмската индустрија, за разлика од театарот. Ова е моја прва голема улога на големото платно, имав сериозна трема и незнаев какви реакции ќе има кај публиката, но тие се добри, тоа е еден од најгледаните филмови кај нас, добро котира на меѓународните фестивали и се надевам дека така и ќе продолжи, изјави Сара Кимовска.

Улогата на Родна во филмот Врба ја толкува Наталија Теодосиева, која изјави дека не очекувала вака добри реакции на филмот.

-Познавајќи го Милчо Манчевски, некако се подразбираше дека ќе учествуваме на големи фестивали, но реакциите многу ме изненадија. Само што стигнавме во Белград, ме изненадија реакциите на луѓето, бидејќи премиерата на филмот е вечер, а тие веќе го гледале филмот и се воодушевани од него и од нас актерите, и јас тоа не го очекував, изјави Теодосиева.

Реакциите на вчерашната прес-проекција на филмот во преполната сала беа одлични и емотивни, a Милчо Манчевски кој и е добро познат на белградската публика, даде повеќе интервјуа.

Филмот Врба, заедно со 20 други играни филмови од Европа и целиот свет е во рамките на главната програма на ФЕСТ и тој ќе се натпреварува за една од главните награди на овој реномирам меѓународен фестивал, на кој годинешни лауреати се познатиот холивудски актер Џон Малковиќ, заедно со режисерот Коста Гаврас и актерката Мира Бањац се на ФЕСТ.

ФЕСТ традиционално во Белград се одржува од 28 февруари до 8 март.