Книги за сите возрасти, од секаков жанр, може да се најдат на Саемот на книгата што беше отворен вчера во ВИП Арена „Борис Трајковски“, а ќе трае до 14 мај. Учествуваат околу 70 издавачи, а посетителите ќе може да купат книги со саемски попуст. Понудата е разновидна – од белетристика до научни и стручни книги, енциклопедии, литература за деца…

Вчера на Саемот на книгата дојдоа повеќе заинтересирани граѓани за пишаниот збор од Скопје, но и од внатрешноста. Од денес, саемот организирано ќе го посетуваат и ученици од основните и средните училишта. Штандовите се веќе наредени, но се забележува недостаток на каталози со книгите што ги нудат. Тие беа подготвени само на неколку штандови. Некои велат дека очекуваат каталози од четврток, кога очекуваат и поголем бран посетители. Дополнителен проблем е што сите штандови немаат пост-терминали за безготовинска наплата, но посетителите велат дека од искуство знаат, па носат готовина со себе, за да ги купат насловите што ги посакуваат.

Повеќето издавачи нудат саемски попусти, но некои ги имаат истите цени на книгите како и во книжарниците. Дел од изданијата се во пакет од две или три книги, кои се продаваат по цена на една книга. Книга може да се купи по цена од 50 до 3.000 денари за полуксузните изданија, а влезот на Саемот чини 30 денари.

Деновиве ќе има околу 30 промоции во Промотивниот центар во ВИП Арената. Покрај домашни, на саемот учествуваат и издавачки куќи од Србија, Косово, Албанија, Данска и од Унгарија. Некои издавачи нудат книги и на англиски јазик.

За полесен и директен пристап на посетителите до ВИП Арена „Борис Трајковски“, ЈСП „Скопје“ и оваа година воведува две вонредни автобуски линии од населбите Ново Лисиче (бр. 100) и Дексион (бр. 200).

Саемот на книгата втора година се организира во спортската сала „Борис Трајковски“ по затворањето на халите на старата локација. Од Скопски саем велат дека работат на изнаоѓање трајно решение за нов простор за саемски презентации, а дотогаш ВИП Арената е инфраструктурно најсоодветен заменски простор.Според Скопски саем, лани имало и повеќе посетители од 2017 година, а некои од издавачите минатата година оценија дека спортската сала била солидно адаптирана и променетата локација не го сменила духот на манифестацијата.

Работното време во седумте саемски денови е од 10 до 20 часот.

Билјана Богдановска

loading…