МНТ ги враќа парите од билетите за неодржаните претстави во март

Фото: Б. Грданоски Македонскиот народен театар објави дека на сите оние кои купиле билети за претставите кои во март не биле одржани, ќе им бидат вратени парите. “Средствата за билетите што ги имате купено за претставите кои беа на репертоарот во Македонски народен театар во месец март 2020, а беа откажани поради ситуацијата со болеста, можете да ги подигнете на билетарницата во МНТ од 28 септември до 02 октомври и од 05 октомври до 09 октомври 2020“, велат од МНТ. Работното време на билетарницата е од 12 до 18 часот. Рефундирањето на средствата за купените билети додаваат, ќе се врши исклучиво со вратен билет. претходниот член,Со велосипедизам, Крушево развива алтернативен туризам

Томислав Османли е добитник на „Рациновото признание“ за 2020 за „Парадоксикон“

Томислав Османли е добитник на „Рациновото признание“ за 2020 за прозното остварување „Парадоксикон“ на манифестацијата „Рацинови средби“ што заврши синоќа во Велес.   -Се чувствувам почестен од доделувањето на угледната награда, особено што мојата книга ја привилегира жири на истакнати уметници и културни дејци. Почестен сум што станав носител на нашeтo врвно литературно признание кое се доделува, еве безмалку шест децении, а го носи светлото име на Коста Солев – Рацин, еден од мугрените предвесници на современата македонска литература и, безостатно и несомнено, на идејата на современата македонска демократска државност уште од времињата кога таа се војувала саможртвено, со највисоки идеали, со борба, со крв, со мечта и со песна. На Рацин со кој се гордее и кого не прекинува високо да го чествува овој достоинствен град и неговата доблесна Управа, која привилегира литературата и – во овие ненаклонети времиња – високо ја претпочита културата.    Почитувани, Делото и личноста на Рацин се утока од најмалку три суштествени, бистри водотеци: неговото врвно поетско и, воопшто, единственото книжевно дело; неговиот хуманистички и социјален ангажман, неговиот слободољубив алтруизам којшто го исполнувал и го поттикнувал на културна и на хуманистичка политичка дејствителност; и неговиот разгргорен, богат македонски јазик, високолитерарен уште пред дефинитивното устројување на нашите стандардни лингвистички канони – и во тој идентитетски делокруг – Рациновата јасна и ангажирана македонска национална припадност и, воедно, неговата најширока космополитска културна определеност. И сето тоа, во времиња кога тие легитимации биле прогонувани, забранувани и жестоко санкционирани. Затоа литературата на Коста Солев – Рацин е творештво на еден чувствен и сочувствен, на еден човекољубив, лиричен, а едновремено и развиорен, модернистички темпераментен, револуционерен и слободољубив, едновремено, и длабоко национален ангажман. Рацин е универзален и национален културен паметник и знак, споменик на отпорот кон негациите и кон релативизациите на сите тие вредности, особено на македонскиот јазик и национален идентитет. Неговиот македонски книжевен јазик е народниот јазик од нашите најстари хоризонти во кои и Рацин бил топло загледан, и од кои впрочем осамнаа и неговите Бели мугри, но и силно светнатиот ден на една бујна книжевност која – тревожно го преопева Тешкото, нежно го открива Раѓањето на зборот во Тишината, која, потем, лирично понесена ги воскликнуваа Румените небесни акварели (како кај Рацина  маритимно инспирираниот восклик: „Сино, Сино, Сино…!“ во истоимената песна); а други пати иронично ја разголува и ја руга нашата и светската Каинавелија, или пак го слуша топлиот македонски шепот среде големото растреперено словенско книжевно соѕвездие – дел од сводот на кој блескаат сите ѕвезди на овој единствен свет – и соседски (ние рациновски сакаме да речеме: добрососедски!), и пошироко  европски и најшироко универзален. Тој современ свет на убавата литература денес закрева колосални тревоги, шиба по отуѓувањето на општеството обезличено од меркантилност, од социјален еготизам, од обестите на безграничната моќ на капиталот ставен над човекот, над правдата и над етиката; книжевноста ја жигосува, во сите свои жанрови, видови и наративи, оваа реалност со изгубен човечки лик и мерки, светот огледан во апсурдното орвелијанско огледало, светот на една безгранична хипокризија и новата реалност презаситена од  мултимедиски симулакруми и фатаморгани; на светот на моќта и на  политиката кој се однесува спротивно од сопствените декларации и прокламирани принципи; но воедно новата литература умее и да блика од величествени восхити, во роеви впечатливи творби, отворајќи простори за една понадежна стварност во подобриот дел од 21-ов век. Така и нашите творби и поетики не престануваат и денес, уште поживо, и понепосредно да  комуницираат со светот и да се пресметуваат со неговите и наши хипокризии и парадокси. Нивниот најбуен извор е токму литературата на Рацин. Таа литература и самата напојувана од страстни естетски и етички ангажмани, носи живи  одгласи на европската модерна: на германскиот експресионизам, на рускиот револуционерен футуризам, на различни школи од социјално ангажираната поезија на европската и на оновремената југословенска модерна; ехото на парискиот и на белградскиот надреализам, но и одгласите на Крлежиниот „Дијалектички антибарбарус“ кого што, за разлика од спомнатиот белградски авангарден круг, Рацин – уште поавангардно! – „по срце и по совест“ одбива да го критикува според директива „одозгора“… Тие безостатни левичарски и слободољубиви естетски припадности кои Коста Солев непрекинато ги изразува во своите поетски и прозни творби, во естетските огледи, во книжевно-критичките статии и во филозофски есеи, Рацина го легитимираат како наш витален учесник во уметничката плима на европската модерна мисла и го сместуваат при врвот од универзалните книжевни и филантропски  вертикали. Неговата поетичка модерна е преттекст, како на реалистичките и на т.н. модернистички определби и постапки во претходните книжевни  генерации, така и предуслов за нашава жива книжевна постмодерна. Така и мојата книга („Парадоксикон“), удостоена со оваа угледна Награда е, верувам,  една од пројавите на тие ново-ангажирани, а пост-рациновски тенденции. Рациновата книжевност се претставува како национална, регионална и интернационална, но – најмногу – таа е своја и наша. Таа е наша и космополитска, зашто и Рациновата песна и дело – го носат  македонскиот јазик, неговиот автентичен звук и неговата светла созвучнист – во светот; како што со своите вредности таа го содржи слободољубивиот, еманципаторски, човечки достоен свет – во македонскиот јазик. Творештвото на Рацин е Куќа на Мугрите, Дом на големото Срце на овој народ, нашето бело напнато едро на надежните стремежи и нови очекувања, што силовито нѐ носи, бездруго, и во нови домицилни и универзални предизвици, но, верувам, пред сѐ во завладеаниот свет на општествени и човечки вредности; во нашите претстојни и конечно  подобри времиња – „У новиот нѝ век“!, изјави  Османли по повод наградата.

Стефоска за МИА: Отворени сме за унапредување на културната соработка со сите соседи ...

Отворени сме за дијалог и унапредување на културната соработка со сите соседи.Еден од приоритетите во мојата работа е да ја продлабочам таа соработка. Дотолку повеќе што сите ние на Балканот , како наследници на големите империи , споделуваме заедничко културно наследство што е добра основа за меѓусебен дијалог и взаемно почитување. Ова во интервју за МИА го изјави министерката за култура Ирена Стефоска осврнувајќи се на добрососедството и колку тоа влијае на културното наследство. Целото интервју е достапно на следниот ЛИНК

„Врба“ на Манчевски во балканска офанзива ја освојува публиката во Софија и Тирана

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски вчеравечер го отвори годинашниот Интернационален филмски фестивал во Софија. На режисерот Манчевски, кој присуствуваше на отворањето, му беше врачена Специјалната награда за придонес кон светската кинематографија. Како гест на почитување, фестивалот организираше изведба на песна од Пиринска Македонија која на бина му беше испеана на почесниот гостин по најавата на директорот на фестивалот Стефан Китанов. Премиерата на „Врба“ и специјалната награда за Манчевски се проследени со голем број написи и интервјуа со авторот во бугарските медиумите, во кои акцент се става на универзалноста на темата на филмот, мајсторската режија и на досегашните успеси, како и на тоа дека се горди на интернационален успех на дело од Балканот. Овој фестивал е еден од најголемите и најзначајните фестивали на Балканот и досега бил домаќин на голем број значајни филмски имиња од Европа и од светот. Фестивалот ќе трае до 15 октомври и ќе се одржува во физичка форма со запазување на мерките и протоколите пропишани за заштита од коронавирусот. Истовремено додека во Софија го отвараше, „Врба“ во Тирана вчеравечер го затвораше и годишното издание на Интернационалниот филмски фестивал. Филмот предизвика огромeн интерес кај албанската публика, која според реакциите, го доживеа многу интимно и емотивно. Покрај фестивалите во Софија и Тирана, „Врба“ е избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон.

Стефоска : Отворени сме за унапредување на културната соработка со сите соседи

Oтворени сме за дијалог и унапредување на културната соработка со сите соседи. Еден од приоритетите во мојата работа е да ја продлабочам таа соработката. Дотолку повеќе што сите ние на Балканот, како наследници на големите империи, споделуваме заедничко културно наследство што е добра основа за меѓусебен дијалог и взаемно почитување. Ова во интервју за МИА го изјави министерката за култура Ирена Стефоска осврнувајќи се на добрососедството и колку тоа влијае на културното наследство. Министерката посочи дека во иднина ќе иницира чести средби на министерско ниво со сите земји-соседи во насока на градење на заеднички културни политики како влог за иднината. Со оглед на тоа што прпват доаѓа на оваа функција, Стефоска посочи дека врвен приоритет ќе и биде заштита на културното наследство, евроинтеграциите во културата, а посебен фокус ќе посвети и на младите. -Чувствувам одговорност како министерка за култура да направам сѐ што е во доменот на моите овластувања за поддршка на идеите и креативноста кај младите. Воведуваме поголем број стимулативни мерки. Согласно Програмата на Владата се планира зголемување на бројот на креативни центри и инкубатори за здруженија на граѓани и самостојни уметници, рече министерката. Според Стефоска, Министерството за култура се соочува со структурни проблеми, кои се пречка за тоа да биде професионален сервис на културните работници и на граѓаните. -За мене како министерка, и за мојот тим најважни се професионалноста, одговорноста и ефикасноста. За таа цел деновиве одржуваме интензивни средби со вработените во секторите на Министерството за култура, како и со директорите на националните установи за да ја констатираме фактичката состојба, појасни таа. Во врска со споменикот Мајка Тереза, како еден од спомениците од проектот „Скопје 2014“, Стефоска посочи дека експертите увиделе низа неправилности, но како што рече, сите овие години Министерството соработува со Општина Центар и со изведувачот на споменикот, а во соработка и со Асоцијацијата на архитекти одново ќе се преиспитаат сите законски можности и предлози за да се изнајде решение со кое скопјани ќе се гордеат. Стефоска очекува новиот Закон за јавен интерес во културата веднаш да влезе во собраниска процедура, а потенцира и дека се работи на подобрување на критериумите на Годишните конкурси. Во продолжение следува целото интервју со министерката за култура Ирена Стефоска. Госпоѓо Стефоска, првпат доаѓате на позицијата министерка за култура, откако неколку години наназад сте ја извршувале пратеничка функција во Собранието и културата ја следевте од друг агол. Која ќе биде вашата основната задача и на што најмногу ќе се фокусирате како министерка за култура за време на овој мандат? Ви благодарам на интересот. Да, функцијата министер ја гледам како продолжение на работата во Собранието на Република Северна Македонија, особено во Комисијата за култура од каде што носам драгоцени искуства. Културата е блиска и до мојата природа и образование, па затоа оваа позиција ја гледам како голем предизвик и одговорност, зашто културата е единственото нешто со што располагаме и со што можеме да бидеме препознаени и прифатени во светски контекст. Она што е прв приоритет на мојот министерски кабинет е заштитата на културното наследство, каде се соочуваме со голем број предизвици. Заштитата на културното наследство е приоритет на секоја одговорна Влада, но и еден од приоритетите на Европската унија. Европската комисија е наш искрен пријател и поддржувач на реформи во сферата на заштитата на културното наследство. Втора тема која е столб на мојата посветеност, се евроитеграциите во културата. Овој приоритет, кој е во основата и на програмата на Владата, за нас е од големо значење зашто како ресор пред нас се отворени безброј можности кои досега не биле доволно искористени. Младите со својата енергија и знаење се третиот приоритет на кој посветено работиме. Неопходно е вклучување на сите талентирани и прогресивни сили во градењето на демократско општество со европски вредности. Развиваме нови модели за стимулирање и финансиска поддршка на младите од сите етнички заедници за ефикасно да ги реализираат своите уметнички и креативни потреби. Покрај овие основни приоритети очекуваме новиот Закон за јавен интерес во културата веднаш да влезе во собраниска процедура, а работиме и на подобрување на критериумите на Годишните конкурси. Што е она што прво ќе го смените во функционирањето на Министерството за култура? Министерството за култура се соочува со структурни проблеми, кои се пречка за тоа да биде професионален сервис на културните работници и на граѓаните. За мене како министерка, и за мојот тим најважни се професионалноста, одговорноста и ефикасноста. За таа цел деновиве одржуваме интензивни средби со вработените во секторите на Министерството за култура, како и со директорите на националните установи за да ја констатираме фактичката состојба и потоа да пристапиме кон постепена реорганизазација која што очекуваме да ја поттикне мотивираноста на вработените и ефикасноста во извршување на обврските. Во програмата ветувате ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од, како што се наведува т.н. проект „Скопје 2014, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство“. За кои споменици станува збор и како планирате да го реализирате ова, со оглед на тоа што владата во претходниот мандат имаше најави дека ќе го реши овој контроверзен проект? Точно е, во програмата на Владата се најавува ревизија на „Скопје 2014“. Тоа е сложена постапка за која досега се изработени елаборати за секој од спомениците и градбите во овој проект. Со оглед на комплексноста на темата во програмата на Владата е најавен и меѓународен конкурс за ревитализација на централното градско подрачје. Каков е вашиот став во врска со споменикот Мајка Тереза, дали ќе излезете на барањата на Асоцијацијата на архитекти кои бараат да се отстрани споменикот, со тврдење дека прекршува низа закони? Скулптуралната композиција Мајка Тереза е еден од спомениците во проектот на „Скопје 2014“ кој беше подложен на ревизија од експертската група формирана при Министерството за култура. Експертите увидоа низа неправилности и понудија мерки за натамошно постапување. Изградбата на скулптуралната композиција е во мирување од 2017 година, а минатата година Владата го задолжи Министерството за култура да објави јавен повик за пренамена на објектот. И овој предлог, со право, наиде на негодување во јавноста. Сите овие години Министерството соработува со Општина Центар како и со изведувачот на споменикот, а во соработка и со Асоцијацијата на архитекти одново ќе ги преиспитаме сите законски можности и предлози за да изнајдеме решение со кое скопјани ќе се гордеат. Во време на пандемијата речиси 70 отсто од библиотеките, театри, Филахармонија се целосно блокирани во својата работа и творештво и едвај функционираат…бараат поддршка од Владата. Имате ли некоја програма или план за решавање на овој проблем, ќе им понудите ли решение на овие институции? По долги и темелни разговори, Комисијата за заразни болести во четвртокот усвои протокол за отворање на институциите од областа на културата, за одржување настани во затворен простор. Сведоци бевме на успешна летна сезона, која голем број манифестации и оператори ја искористија за одржување настани на отворено. По изготвувањето на посебни, интерни протоколи усогласени со општиот, институциите можат да ја започнат есенската сезона. Посветено ја следиме ситуацијата и веруваме дека со посебните заштитни мерки, работата на установите но, и на независната сцена, ќе донесе и нов квалитет за сите. Планирате ли нови инфраструктури проекти во културните институции во земјава за време на овој мандат? Во период на светска пандемија нужно се наметнува потребата од штедење. Во оваа смисла, приоритет е одржувањето и подобрувањето на инфраструктурата на установите од културата. Министерството низ годините беше мета на обвинувања за местење на конкурси за културните проекти, делење пари на субјекти кои и не промовираат култура, како ќе ја смените оваа состојба? Се наближува терминот за објавување на Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата. Интензивно работиме на уточнување на критериумите за конкурирање и за вреднување на проектите и програмите од јавен интерес. Новиот закон за јавен интерес во културата носи промена и во моделот за финансирање во културата. СКРМ и СОНК обвинија за непочитување на Колективниот договор, за доцнење на исплата на платите на вработените, а подоцна Министерството информира дека е надминат проблемот. Каков е вашиот став во однос на колективниот договор за вработените во културата, ќе претрпи ли одредени промени? По долги години, Колективниот договор во културата во соработка со двата синдикати, СКРМ и СОНК, конечно беше потпишан во декември 2019 година. Во процесот на неговата примена се појавија проблеми кои уште веднаш почнавме да ги решаваме, па така платите за месец јули се целосно исплатени, а речиси сите национални установи ја добија и августовската плата. Дополнително, формирав работна група од врвни специјалисти, претставници на синдикатите и на Министерството со цел да ги исправиме сите евентуални правни недоследности. Колективниот договор, како што реков и на прес- конференијата, секако има простор уште да се усовршува, а со тоа и работничките права во културата, за што секогаш ќе се залагам. Колку фокусот во новата програма ќе биде ставен на младите, планирате ли одредени стимулативни мерки за да го зајакнете нивното влијание во културата? Чувствувам одговорност како министерка за култура да направам сѐ што е во доменот на моите овластувања за поддршка на идеите и креативноста кај младите. Воведуваме поголем број стимулативни мерки. Согласно Програмата на Владата се планира зголемување на бројот на креативни центри и инкубатори за здруженија на граѓани и самостојни уметници. Како земја кандидат за ЕУ, на располагање ни стојат фондовите на Европската унија, кои не се доволно искористени, и со кои младите не се добро запознаени. Наша обврска како Министерство за култура, во соработка со СЕП, е да ги посочиме овие можности и да ги обучиме младите како да ги користат овие фондови. Сакам да истакнам дека и програмите на УНЕСКО за поддршка во сферата на образованието, науката, комуникациите и современите уметности исто така, не се доволно искористени. За крај добрососедството, актуелна тема секогаш, а особено деновиве, добрососедството во пакет со културното наследство, ваша проценка како ќе се движиме ќе се менуваме ли во таа насока? Северна Македонија е отворена за дијалог и унапредување на културната соработка со сите соседи. Еден од приоритетите во мојата работа е да ја продлабочам таа соработката. Дотолку повеќе што сите ние на Балканот, како наследници на големите империи, споделуваме заедничко културно наследство што е добра основа за меѓусебен дијалог и взаемно почитување. Имам намера да иницирам чести средби на министерско ниво со сите земји-соседи во насока на градење на заеднички културни политики како влог за иднината.

Бела ноќ по 16-ти пат на 10 локации во Скопје

Фото: Б. Грданоски Културната манифестација Бела ноќ, која веќе прерасна во традиција, по 16-ти пат, денеска  ќе се одржи во Скопје. -Една недела порано од вообичаеното на 10 локации (паркингот пред СРЦ Борис Трајковски, МКЦ, Зеленото пазарче, Ибни Пајко плоштадот, Музејот на современа уметност, Домот на култура Кочо Рацин, Архитектонскиот факултет, Градската библиотека Браќа Миладиновци и Даут Пашиниот Амам), посетителите ќе можат да ги погледнат перформансите, концертите, изложбите и другите културно-уметнички активности, информираат од Град Скопје. Бела ноќ, во организација на Универзалната сала, со поддршка на Град Скопје, на граѓаните со својот урбан концепт ќе им ја доближи уметноста, додавајќи и нова, културна димензија. Годинава централниот настан „Скопските евергрини“ ќе се одржи  на паркингот пред СРЦ Борис Трајковски, каде што најпознатите скопските хитови ќе бидат изведени од најголемите македонски музички ѕвезди, Влатко Стефановски, Тамара Тодевска, Јаков Дренковски, Дарио и други, во придружба на Баги Биг Бендот, под диригентската палка на Љупчо Мирковски. Влезниците за „Скопските евергрини“ пред СРЦ Борис Трајковски и концертот на платото пред МКЦ, се бесплатни и истите можат да се подигнат на билетарите на МКЦ и на Универзална сала. Со почитување на мерките и препораките на Министерството за здравство и Град Скопје за заштита од пандемијата од коронавирусот, настаните од Белата ноќ в сабота ќе започнат од 19:00 часот и ќе траат до 24:00 часот, работното време на локалите нема да биде продолжено после 24:00 часот, нешто што беше вообичаено за минатите Бели ноќи. Граѓаните за локациите и програмата дополнително можат да се информираат и на официјалната веб-страница: https://www.belanok.com/programe.

Почина прославениот српски режисер Горан Паскаљевиќ

Авторот на „Специјален третман“, Лажливо лето 68“, режисерот Горан Паскаљевиќ, почина во париз на 74 години. Паскаљевиќ својот уметнички подем го почна во времето на Југославија, заедно со една извонредна генерација на српски и хрватски режисери. Како и многумина од нив и Горан Паскаљевиќ дипломираше филмска режија на Прашката академија. Режираше многу документарни филмови и ТВ драми, а својот прв игран филм „Чуварот на плажата во зимскиот период“ го сними во 1976 година. Тој стана амблематичен за цела генерација филмски режисери и сценаристи. Други негови филмови се „Буре барут“, „Танго Аргентино“, „Ангел чувар“… Добитник е на многу престижни награди, вклучувајќи ја и наградата на критичари за најдобар европски филм во 1998 година за „Буре барут“ и наградата во Сан Себастијан во 1990 година за филмот „Време на чуда“. Списанието „Вараети“ го прогласи за еден од петте најдобри режисери на годината во 2001 година. Беше одликуван со Француски орден за уметност и литература.

„Гагарин“, „ Оаза“, „Матер“: Доделени наградите на 19. Синедејс

Со премиерата на филмот „Хомо“ на Игор Иванов Изи, под отворено небо на кровот на ГТЦ  и концертот на Здружението на џез музичари и гудачкиот оркестар во паркот на МКЦ, беше затворен 19-от Меѓународен фестивал за европски филм – CINEDAYS. „Затворивме успешен фестивал, за кој што твитерџиите напишаа, Синедејс – згази. И многу ни е мило за таквиот впечаток, бидејќи со многу ентузијазам и силен мотив, навистина се потрудивме. Годинава направивме огромна промена, решивме наместо да се туфкаме и зборуваме колку е тешко да се работи во овие услови, да бидеме проактивни и да реализираме фестивал во физички услови, а не онлајн. Скопје го претворивме во кино под отворено небо, и успеавме да стигнеме во многу маала, да ги ревитализираме за време на фестивалот некогашните кино простори и да му дадеме друг пулс на градот“ – вели Маргарита Арсова, координаторка на CINEDAYS. Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше жири комисијата во состав, Лабина Митевска – актерка и продуцентка, Благој Веселинов – актер и Кнут Елстерман – режисер, која ги додели следниве награди: Во официјална селекција, награда „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби „Гагарин“ во режија на Фани Лијатар и Жереми Трули. Во образложение за филмот, жири комисијата вели: „Жирито за многу кусо време се согласи дека ова беше најдобриот филм. Нѐ восхити неговата визуелна убавина и хуманост. Инспирирани од вистинит настан – рушењето на огромен станбен комплекс, режисерите создале модерна бајка за тоа што значи домот денес, што прави да го чувствуваме како дом – луѓе од најразлични културни потекла се обединуваат како во село, соединети во болката од загубата на овој дом. Со извонредни, автентични млади актери, совршен во третманот со бои и текстури, оригинален и стручен во играта со мотиви, овој филм е како поетска утопија, ремек-дело што ни изнуди насмевки и солзи и нѐ направи многу среќни“. Во „SEE програмата“ награда „Златно сонце“ за најдобар филм доби филмот „ Оаза“ во режија на Иван Икиќ. Во образложението за филмот, жири комисијата вели: „Храбар и ризичен проект: режисерот Иван Икиќ работел со фантастични актери со попреченост и успеал да создаде трогателна љубовна приказна, конфликт на љубовен триаголник во институција за лица со интелектуална попреченост, раскажана во три поглавја. Секое поглавје е посветено на еден од трите главни лика, кои имаат високо достоинство и многу комплексни карактери. Многу ни се допадна начинот на кој Икиќ работи во нормален ракурс со неговите актери, никогаш не е во ѕиркачка перспектива, и оваа трогателна приказна ја раскажува однатре, а не како љубопитен набљудувач. Икиќ е одличен раскажувач, но неговиот филм е многу повеќе од тоа: без никакво претерување или едноставни обвинувања, снимен речиси во документарен стил, овој филм се залага за правото на самоопределување и љубов на лицата со попреченост.“ Специјално признание за филмот „Матер“ во режија на Јуре Павловиќ од „SEE програмата“ . Во образложението за филмот, жири комисијата вели: „Многу едноставна, архаична приказна, конфронтација на една сурова мајка на посмртна постела со нејзината ќерка Јасна, хрватски иселеник во Германија, извонредно одиграна од фантастичната Дарија Лоренци. Нѐ воодушеви детално разработениот и природен начин на кој режисерот Јуре Павловиќ го создава напнатиот однос помеѓу двете жени, истражувајќи го секое делче од ранетата душа на Јасна, врвното, длабоко проникнување во влијанијата што го градат нашиот карактер, со многу наративни детали – Јасна е многу послична на мајка си одошто мисли.“ Годинешниот 19-ти Меѓународен фестивал за европски филм – CINEDAYS кој што се случуваше во поместен термин, го следеа повеќе од 5000 луѓе, кои уживаа во проекциите под ведрото небо. Под слоганот „Филм на секое платно“ успеа во својата мисија со програмски репертоар од 40 филмски проекции, на девет локации низ Скопје и три концерти со фокус на домашната филмска продукција.

Во Велес денеска почнуваат 57-те Рацинови средби

Во родниот град на Коста Солев Рацин, Велес денеска и утре ќе се одржи програмата на 57-те Рацинови средби, која првпат почнува со Меѓународна конференција претпладнево во 10 часот. Првата сесија во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ е посветена на „Седумдесет и пет години современ македонски јазик, азбука и правопис“. Програмата ќе продолжи со промоција на „Собрани драми“ од Горан Стефановски во издание на „Полица“. На втората сесија ќе се говори за „Јазикот и стилот во творештвото на Горан Стефановски“. Потоа ќе се одржи промоција на зборниците од меѓународните научни конференции одржани во рамките на Рациновите средби,а ќе ги промовира професорот Људмил Спасов. Организатори на овие настани се Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Советот за македонски јазик при Владата и Општина Велес како организатор на Рациновите средби. Традиционалното положување цвеќе на спомениците на Рацин е поместено за денеска попладне во 17 часот, а ќе се одржи и Поетски перформанс со настап на членови на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес.. Во тие рамки ќе се изврши и традиционалното засадување на садници во „Шумата на Рацин“ кај Спомен костурницата од НОВ каде меѓу борците од 1979 година почива и Коста Солев Рацин. Свеченото отворање на 57-те Рацинови средби е закажано за вечер во 18:30 во Амфитеатарот на Младинскиот парк, каде традиционалната Беседа за Рацин годинава ќе ја одржи професорот Васил Тоциновски, а потоа и Меѓународниот поетски митинг. Програмата за првиот ден ќе биде заокружена со концерт на групата „Синтезис“ на сцената на отворено во амфитеатарот на Младинскиот парк, а организаторите најавуваат дека строго ќе ги почитуваат сите протоколи за заштита од Ковид-19.

Гала концерт „Опера и балет под ѕвездите“ на платото пред НОБ

По пауза од неколку месеци поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, Националната опера и балет вечер ќе одржи гала оперски концерт и балетска претстава на отворено, насловен како „Опера и балет под ѕвездите“. Гала концертот ќе биде на платото пред НОБ со почеток во 21 часот, а ќе настапат солистите Сандра Митровска – сопран, Катерина Стојановска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Владимир Саздовски – бас, во придружба на Оркестарот при Националната опера и балет, под диригентската палка на Бисера Чадловска. Во вториот дел, публиката ќе има можност да го проследи балетот „Болеро“ од Морис Равел, во кореографија на Саша Евтимова, подготвена во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца. Од НОБ соопштија дека влезот за публиката ќе биде отворен во 20.30 часот. Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани на отворено, одобрени од Комисијата за заразни болести.

Треба да Прочитате

Моментална Температура

Skopje
few clouds
14 ° C
14 °
14 °
82 %
1.5kmh
20 %
чет
14 °
пет
25 °
саб
28 °
нед
31 °
пон
32 °