Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во знакот на Земјата

Осмиот филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ преку кој ученици од земјава и 12 други земји ќе одржат креативни работилници, едукативни содржини, детски и младински филмови ќе биде отворен вечер од 19 часот во Кинотеката со проекција на италијанскиот филм „Мојот брат брка диносауруси“. Фестивалот ќе трае до 30 септември, ќе учествуваат 300 деца, а најголемиот дел од програмата ќе се одвива онлајн преку платформата „youth.mk“. Според извршниот директор на „Џифони Македонија“, Дарко Башевски, овој фестивал веќе осум години е место каде што се презентираат актуелните филмови за деца и млади, но и место за дискусија за проблемите на младите, средби со познати личности и место за дружење на младите од целиот град, од целата земја и од десетина до 12 земји од Европа секоја година. Новата дигитална младинска платформа „youth.mk“ преку која ќе се одржува Фестивалот е создадена благодарение на поддршката на мисијата ОБСЕ во Скопје, и е наменета на младите љубители на филмска уметност. Платформата ќе биде и место каде што ќе се објавуваат аудио-визуелни креации, прилози, туторијали на младите македонски и странски автори. Истата ќе им овозможи на учесниците директно да се вклучуваат во работилниците и другите онлајн настани и да имаат интерактивни средби со гостите. -Околу 300 ученици година од соновно и средно образование, на возраст од 11 до 19 години од земјава и од 12 други земји ќе се дружат преку оваа платформа на која ќе се презентира богатата понуда на филмови. На фестивалот ќе бидат прикажани 16 играни филмови и 35 кратки филмови кои ќе се натпреваруваат во три категории за играни филмови и 4 категории за кратки филмови, рече Башевски. Темата на „Џифони Македонија 2020“ е Земја (Earth) како дел од тригодишниот циклус посветен на животната средина. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – Џифони Експириенс, Министерство за култура и туризам на Италија, Министерство за надворешни работи на Италија и Амбасадата на Италија во Македонија.

Операта „Метрополитен“ останува затворена уште една година

САД- Познатата „Метрополитен опера“ во Њујорк ги откажа сите настапи за следната сезона и најави дека ќе остане затворена до септември 2021 година поради пандемијата предизвикана од новиот коронавирус. Оперската куќа, која може да прими 3.800 гледачи, обично е домаќин на повеќе од 200 претстави годишно, а секоја сезона ја посетуваат речиси 800.000 гледачи, се податоци што ги наведува „Метрополитен“ на својата официјална веб-страница. „Со жалење ве известуваме дека ‘Метрополитен опера’ донесе исклучително тешка одлука за откажување на целата сезона 2020/2021, врз основа на препораките на здравствените работници кои работат како советници во Мет и Линколн центарот, каде што се наоѓа операта“, се вели во соопштението на оваа институција. За разлика од познатата оперска куќа, театрите во Бродвеј, кои се едни од главните туристички атракции во Њујорк, планираат да ги отворат вратите за посетителите од јануари 2021 година.

Европски денови на културното наследство 2020 (видео)

„Културното наследство и училиштата“ е тема на годинашното одбележување на Европските денови на културното наследство, што почна деновиве онлајн. Во соопштение до јавноста се наведува дека во повеќе европски земји, од почетокот на септември, активностите во рамките на оваа манифестација се реализираат во електронска форма, со поставување  електронски изложби, виртуелни тури низ музеи, Фејсбук и Зум евенти, видео презентации и други содржини на социјалните мрежи. Неколку музеи од земјава веќе се приклучија кон оваа иницијатива за приближување на културното наследство до пошироката публика, преку презентација на дел од своите музејски содржини по електронски пат. Во текот на септември, Музејот на Република Северна Македонија презентираше дел од своите колекции на Фејсбук https://m.facebook.com/muzej.makedonija/ и Инстаграм. Денеска се поставени фотографии и текст за дрвени садови – „Ведра, коблиња и качиња“, а утре ќе биде презентирана темата „Машка градска модна облека – ала франга“. НУ Археолошки Музеј на Република Северна Македонија на социјалните мрежи го постави каталогот од изложбата „Праиториските дами од Македонија“ на кустосот советник – археолог Ирена Колишткоска Настева. Изложбата беше во повеќе наврати презентирана кај нас и во светот. Каталогот е веќе испратен до сите училишта во земјата и учениците ќе можат да го видат онлајн на https://drive.google.com/file/d/1cD-zhfp9k_ocf1DC-UAINrtR–VRi0-Y/view?usp=sharing . Музејот на современа уметност учествува во онлајн одбележувањето со виртуелна тура низ изложбата „Скопје, одново“, реализирана со куратор од МОМА од Њујорк и со ликовни дела од збирката на музејот. Турата е достапна на https://my.matterport.com/show/?m=NxJyiSXBHi8&fbclid=IwAR1Gb6fL90HRmeDRQb-AqOMVQlLXuhK_FuChRmHjWmsGtZ08Ojef92rVcmo . За триесет предмети од својата колекција, Завод и музеј Битола има подготвено аудио нарација за приказната на предметот и видео на знаковен јазик. Овие записи се поставени на веб страницата на музејот, на Јутјуб и на социјалните мрежи. НУ Национална галерија на Републија Северна Македонија се вклучува во манифестацијата со поставување видео од ликовниот конкурс „Го сакам мојот роден крај“, реализиран онлајн со деца од дијаспората, во текот на летото. Видеото може да се погледне на https://www.youtube.com/watch?v=dsZg_RlaLtg . ХАЕМУС Центарот за научни истражувања и промоција на културата на својата веб страница ја постави изложбата „Светата планина на Скопје“. Преку галерии на фотографии и едукативни видеа, ќе може да се погледне огромното архитектонско и уметничко богатство на Скопска Црна Гора на http://haemus.org.mk/the-holy-mountain-of-skopje/ . Централниот дел на манифестацијата ќе биде реализиран во периодот од 1 до 7 октомври 2020 година, кога од страна на повеќе музеи ќе бидат организирани отворања на изложби, едукативни активности и други настани, со физичко присуство на посетителите.

Годинешниот оскаровец „Паразит“ доаѓа во Скопје: Кино од автомобил пред „Борис Трајковски“

Во рамките на одбележувањето една година од воведувањето на брендот „А1“ на македонскиот пазар, „А1 Македонија“ ќе организира А1 Drive-in кино, во кое посетителите ќе можат да гледаат филмови од своите автомобили. Седумдневното кино ќе се наоѓа на паркингот пред А1 арената „Борис Трајковски“ и ќе може да прими 100 автомобили. Филмовите ќе се прикажуваат на специјално проектно платно, а звукот ќе се следи преку радиоуредот во автомобилот. Официјалното отворање е на 29 септември во 21 часот со годинашниот оскаровец „Паразит“. Влезниците се бесплатни, со претходна резервација преку веб-страницата www.karti.com.mk. „Инспирирани од нашите корисници и од желбата за безбедна социјализација во времето на пандемија, креиравме настан што ќе овозможи уште повеќе содржина и забава и ќе им понуди ново, уникатно искуство на сите љубители на седмата уметност“, изјави Методија Мирчев, извршен директор на „А1 Македонија“. Во деновите што следуваат, на репертоарот ќе бидат „Вистина“ (The Truth, 2019), „Уште една тура“ (Another Round, 2020), „Пинокио“ (Pinocchio, 2019), „Офицер и шпион“ (An Officer and a Spy, 2019), „Проксима“ (Proxima, 2019) и документарецот за бившиот фронтмен на „Оејзис“, „Лијам Галагер: Како што беше“ (Liam Gallagher: As It Was, 2019), со кој се затвора настанот на 5 октомври. Влезот за сите денови е од 19:30 до 20:30 часот, а проекциите почнуваат во 21 часот.

Наташа Сарџоска доби награда за поетско творештво на италијански јазик

Поетесата Наташа Сарџоска ја доби специјалната награда за поезија „Дон Луиџи де Лиегро“ за посебни заслуги за поетско творештво на италијански јазик во Рим овој месец. Жири комисијата предводена од книжевните критичари, теоретичари и поети Мануел Коен, Ренато Фјорито, Лука Бенаси, Ана Марија Курчи, Фламинија Кручани, Рафаела Фацио и Микела Ѕанарела, покрај песните на десетина други италијански поети и поетеси, ги наградија и песните на Сарџоска напишани на италијански јазик. Сите наградени песни се објавени во антологијата на издавачката куќа Тера  д’Уливи Едициони. Оваа награда се доделува веќе девет години и е под покровителство на Фондацијата Дон Лиегро, Владата на Италија, Општината на градот Рим, Регионот Лацио, а годинешното издание се одржа во палатата Пасарини Филети под покровителство на претседателот на Италија Серџо Матарела. Наградата го носи името на Дон Луиџи де Лиегро, италијански свештеник, презвитер, хуманист, филантроп и активист, кој бил основач на Каритас Диочезана во Рим.

Со „Хомо“ на Игор Иванов-Изи вечерва завршува „Синeдеjс“

Филмот „Хомо“, во режија на Игор Иванов-Изи, вечерва ќе го затвори 19-тото издание на фестивалот за европски филм „Синедејс“, по што ќе следи концерт на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, Македонската премиера на филмот ќе почне во 20 часот на покривот на ГТЦ, а претходно ќе бидат доделени наградите. „Хомо“ прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов. Улогите ги полкуваат Александар Матовски Цако, Наташа Петровиќ, Сергеј Димовски, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ, Сашко Коцев, Оливер Митковски. Од 23 часот, започнува концертот насловен „Волшебна ноќ“ на ЗЏМ Колектив, придружуван од гудачки оркестар. Колективот е составен од Трајче Велков – труба, Кирил Кузманов – алт саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Зоран Костадиновски – гитара, Гордан Спасовски – пијано, Дарко Мучев – бас, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Гоце Стевковски – тапани. Билетите се по цена од 200 денари може да ги набавите на билетарница во МКЦ и online преку https://bileti.mkc.mk/index.php?id=710

Изложба во МСУ: Милчо Манчевски и со фотографии ги поместува границите

„Уметничкиот пристап на Милчо Манчевски кон создавање слики постојано ги поместува границите и ги избегнува конвенциите. Во „ТАМУ“, тој нѐ води на патување кое е исто толку за чинот на гледање, колку и за сетилното искусување на местото“. Вака пишува ирскиот уметник и декан на Колеџот за уметност „Бурен“, Конор Мекгрејди за престојната изложба фотографии на Манчевски, која ќе биде отворена на 1 октомври во Музејот на современата уметност Скопје во 20 часот. Настанот ќе биде и промоција на книга со фотографии од изложбата „Таму“, на издавачката куќа „Антолог“. Во книгата и изложбата избрани се 88 колор фотографии, создавани во период од десет години. Кураторка на изложбата Бојана Јанева-Шемова вели: „Уникатноста на уметничката фотографија на Манчевски е во визуелниот јазик, кој допира до секого поради универзалните емоции кои зрачат од интеракцијата на ликовите, поставеноста на елементите кои ја градат композицијата и колоритот кој напати остава без здив. Визуелната моќност е присутна во сите негови дела, сугерирана пред сѐ од композициската структура до совршеност донесена во некои дела преку прочистена и смирена симетрија, во некои тенденциозно прекршена со цел да пренесе поинакво чувство. Колку и да се на прв поглед непретенциозни секвенците од „Таму“, при задлабочување полека откриваат слоеви на обмислена идеја, длабоки чувства и силни бои на животот во целост“. „Таму“ го надградува и го проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, „Улица“ и „Пет капки сон“.  „Во овие проекти визуелната текстура на урбаниот живот се манифестира низ композициска и наративна игра, и овој динамичен и експериментален пристап кон создавање слики го обликува „Таму“. Бојата е клучен слој што дефинира во овие дела. Избива од полиња урбано сивило, ја заситува перспективата на сликата или функционира како централен елемент во композициски колаж. Во „Таму“, бојата го дава ова визуелно закотвување и тече како поток низ овие слики. Таму ги отфрла границите – географските, формалните и другите. Како таква, Таму може да биде каде било, и на крајот е секаде“ вели во предговорот на книгата Мекгрејди. Книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект. Издавачката куќа Антолог и Манчевски го работеа повеќе од две години. Книгата, дело за најпрефинетите сладокусци на фотографијата, спакувани во тврди корици и на хартија со внимателно избран квалитет е печатена во „Датапонс“, а самите фотографии во голем формат за изложбата се печатени во „ПиксПлус“.  „Го искомбиниравме перфекционизмот на Манчевски со највисоките стандарди на „Антолог“ за да создадеме една прекрасна приказна – моменти, фатени од најпрецизно око и објектив, без „кропирање“ и „фотошоп“, сплотени во остварување што ќе донесе нова свежина во светот на фотографијата и книгоиздателството. Од неодамна во нашиот издавачки опус е вклучена едицијата „Сталагмити-Сталактити“, со која отвораме ново поглавје на вклучување визуелни уметности, и неизмерно е задоволството што уште на самиот почеток на оваа едиција, како втора книга издаваме вакво вредно дело од нашиот најпознат режисер и автор“ велат од „Антолог“. Дизајнот на книгата е на Моника Стојчевска, а колор обработката на Александар Петревски и Орце Поповски. Книгата ќе биде достапна за продажба веќе од 1 октомври во целата дистрибутивна мрежа на „Антолог“, која ги вклучува книжарниците „Антолог“ и електронската книжарница антолог.мк, како и над 30 други продажни места низ целата држава. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р. С. Македонија како дел од Годишната програма за 2020. Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хештаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела, не се ниту кропирани, ниту манипулирани во пост-продукција. Тие се моменти на уличното секојдневие естетизирани во мигот на улов.

И Атиџе на „Денови на македонскиот мед 2020“

Атиџе Муратовска, главната протагонистка на македонскиот докумантарен филм „Медена земја“ што беше номиниран за два Оскара, го привлече вниманието на оние што денеска дојдоа да го посетат Фестивалот на мед во Скопје. Фестивалот се одржува на улица „Македонија“, а Атиџе, која скромно дојде на отворањето, побуди голем интерес кај присутните. По воведното обраќање на претседателот на пчеларското здружение „Матица“, Венче Билбиловски, кое е и организатор на манифестацијата, Атиџе беше на крај претставена по министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ,  но изнуди бурен аплауз. „Медена земја“ , номиниран за Оскар во категориите најдобар документарец и најдобар интернационален филм, раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси. Цели три години додека го подготвувале филмот, екипата на „Медена земја“ работела во лоши услови. Местото каде што е снимен филмот се наоѓа во централниот дел на земјава во близина на реката Брегалница и е тешко достапно. Така, тие морале со денови да преноќуваат во шатори и без струја. Обезбедувале храна само за неколку дена, а потоа се враќале за повторно да се обезбедат, да ги наполнат батериите на техничката опрема и назад. Режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, како и снимателите Фејми Даут и Самир Љума се екипата која макотрпно работела и верувала дека оваа приказна ќе направи промена. За нивната главна протагонистка Атиџе дознале случајно додека снимале кадри за филм кој планирале да биде краткометражен документарец. Но, откако стапиле во контакт со Атиџе, сфатиле дека тоа мора да биде фокусот во нивната приказна. -Лесна беше комуникацијата со Атиџе. Веднаш посака да снима и ни рече дека ова е како да и се остварил сонот. Отсекогаш сакала да дојдат новинари, сниматели и да ја фотографираат и снимаат како таа се движи по ридовите, како ги одгледува пчелите. Таа е уникатна и многу филмска личност – раскажа Котевска лани за „Независен весник“. Атиџе живеејќи во неблагодарни услови, во дом кој и не личел на дом, секојдневно се грижела и за пчелите. Кога ќе го соберела медот, таа го делела на пола и оставала една половина за неа, една за пчелите. Токму ова пренесува дел од пораката за тоа како треба да се грижиме за природата се она што таа ни дава. -Прво мислевме дека тоа некаков ритуал. Но, подоцна сфативме дека Атиџе остава половина мед за пчелите. Всушност, тоа е и клучниот момент врз кој што треба да се базира целата порака- додава Котевска. Стефанов вели дека филмот испраќа универзална порака за животната средина и колку повеќе луѓе го погледнат, толку повеќе ќе ја разберат суштината. -Ова не е само филм за пчелите, може да се заменат пчелите со дрвја, риби или друго. Порака е универзална. И таа е за фер искористување на природните ресурси. Не е важно дали е мед, само во случајов е – вели Стефанов. Снимателите и Фејми Даут и Самир Љума споделија искуства од тоа како е да се снима рој пчели, а да не си воопшто заштитен. -Воопшто немавме заштита од пчелите. Но, односот на Атиџе кон нив ни даде храброст да се опуштиме. Се случуваше цели да бидеме покрие со пчели, но не се случи ништо. Мене ниту еднаш не ме каснаа, но на Фејми му наплатија и за мене, го каснаа четири пати – раскажа Љума.

Почина Жилијет Греко, француска културна икона 

Франција – Жилијет Греко, пејачка, глумица, културна икона и муза на француските егзистенцијалисти по Втората светска војна, почина во нејзиниот дом во Раматјел, во јужна Франција, близу Сен Тропе. Имаше 94 години. Како што велат нејзините почитувачи и обожаватели, во нејзината седумдецениска кариера, со експресивните очи и длабокиот, рапав глас, наследени од нејзините предци Грци, најчесто облечена во црно, таа ги направи бесмртни некои од најпознатите француски песни, како што се класиците „Под париското небо“ и „Мразам недели“. Жилиет Греко е родена на 7 февруари 1927 година во Монпеље и „по осаменото детство, без татко и без љубовта на нејзината мајка“, како што самата рече во еден документарец, таа му се предала на боемскиот живот дружејќи се со интелектуалците на повоена Франција. Започнала како актерка во Париз, 1946 година, каде што, покрај другите, на уметничкиот „Лев брег“ го запознала и филозофот Жан-Пол Сартр. Тој за неа ја изговорил познатата реченица – дека „има милион песни“ во нејзиниот глас. Таа беше во друштво и со многу писатели и уметници современици, како Албер Ками, Жак Превер, Жан Кокто и Борис Вијан, кога и беше наречена „муза на егзистенцијализмот“. Во средината на 1940-тите, романсиерот Ремон Кено и филозофот Жан-Пол Сартр ги напишаа песните „Si tu t’imagines…“ и „La Rue des Blancs-Manteaux“, што ѝ донесе на Жилиет Греко прв успех во брилијантна кариера. Пееше и песни од Бартол Брехт, Франсоа Саган и други. Била и политички активна, особено за време на демонстрациите 1968 година. По долга врска со американскиот џез-трубач Мајлс Дејвис, Греко имаше неколку бракови, со глумецот Филип Лемеро, со кого добија ќерка, потоа – со Мишел Пиколи и на крајот со Жерар Жуане – од 1988. до неговата смрт во 2018 година. Меѓу нејзините најпознати шансони се „Parlez-moi d’amour“, „Paris Canaille“, „Accordeon“ и „Je suis comme je suis“. Во 2015 година, ја одржа прошталната турнеја наречена „Merci“ (благодарам), која траеше една година. Глумеше во филмовите „Орфеј“ (1950) на Жан Кокто и „Добар ден, таго“ (1958) на Ото Премингер. 

„Синеплекс“ повторно ги отвора кино салите

По последната одлука на Владата, „Синеплекс“ од денеска повторно почнува со работа. Протоколот за работа на киното  ќе биде јавно објавено на официјалната веб страна на Синеплекс. Со предложените протоколи за организирање настани од страна на Комисијата за заразни болести, а прифатени од Владата, „Синеплекс“ ги имплементирање во работењето со цел заштита на здравјето на посетителите и вработените. Вработените во киното целосно ќе ги почитуваат мерките за да се зголеми безбедноста и пред се да придонесат во  заштита на здравјето на посетителите. „Синеплекс“ дополнително го зголеми нивото на дезинфекција, во просториите и салите се поставени диспанзери за хигиена на раце, заштитни бариери и заштитна опрема за сите вработени. Од „Синеплекс“ апелираат до сите посетители да ги почитуваат мерките со цел заштита на јавното здравје.

Треба да Прочитате

Моментална Температура

Skopje
clear sky
11.6 ° C
13.3 °
10 °
87 %
2.2kmh
0 %
пет
25 °
саб
28 °
нед
31 °
пон
32 °
вто
19 °